Топ
Поднесено обвинение за актерката Силвија Стојановска за шверц на кокаин од Колумбија

Обвинителството за гонење организиран и корупција поднесе обвинение против актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг за шверц на кокаин од Колумбија во Шпанија. Тие беа уапсени пред шест месеци во рамките на меѓународната операција „Колибри“ заедно со уште три лица во Шпанија, а Обвинителството бара да ѝ се продолжи куќниот притвор.
Стојановска и нејзиниот сопруг се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Р. Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, соопшти Обвинителството.
За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат-телефонски мобилни уреди, како и енкрочат-мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (PROTECT 1207i).
„Имајќи ги предвид видот, тежината и висината на можната казна, мотивите, начинот на кој е извршено кривичното дело, особено фактот што стореното кривично дело се карактеризира со особена тежина осликана со добра организација и долготрајна подготовка на секое дејство, добро развиените врски со криминалните структури надвор од територијата на РС Македонија, Обвинителството заедно со обвинителниот акт му предложи на судот да ја продолжи мерката притвор за првообвинетиот и мерката куќен притвор за второобвинетата“, соопштија од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството ќе го испитува регистрирањето на бугарските здруженија во Македонија

Основното јавно обвинителство Охрид денеска по допрен глас оформи предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ – Охрид. Издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на наведеното здружение.
Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“.
Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази до СВР Битола, како и барања за податоци од Централниот регистар и Министерството за правда.
Македонија
ВМРО-НП: Тие што гласно се чудат да се прашаат зошто некој манипулирал и ги учел со лажни податоци

ВМРО-Народна партија го поздравува напредокот на двете историски комисии како чин на позитивниот пат на Северна Македонија кон Евро-атланската интеграција. ВМРО-Народна партија сака да потсети на техничкиот дел од договорот дека овие заклучоци што ги гледа сега македонската јавност се договорени пред повеќе од две години, за жал тогаш бугарската страна тоа го оцени како премалку и стави вето, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-НП велат дека „секој што се занимава со висока политика во Македонија претпоставуваме дека треба да го знае тој факт затоа што беше кажуван и од претседателот на државата и од претходниот премиер, како и од претседателот на нашиот дел од комисијата, затоа изненадува чудењето кое сега одредени политички лидери го искажуваат“.
„ВМРО-Народна партија смета дека во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а тие што гласно се чудат треба да се прашаат не за фактите туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги. И конечно сакаме да ги потсетиме сите загрижени дека во времето на десетгодишната антиквизација на македонската историја и петте личности, св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и цар Самуил беа комплетно омаловажени и обесмислени во нивното дело и некако воопшто не ги спомнувавме“, соопштуваат од партијата.
Партискиот став е „сите тие кои тогаш молчеа и го поддржуваа тоа искривување на историјата денеска критикуваат. Затоа можеме и да кажеме дека ова е враќање на св. Кирил и Методиј на св. Климент и Наум на цар Самуил во македонската историографија“.
Економија
Од септември мерки за штедење на струја, државните институции ќе мора да ги намалат сметките за 15 отсто

Државните институции од септември ќе мора да ги намалат сметките за електрична енергија за 15 отсто во однос на истиот период од претходната година, а за таа цел Министерството за економија донесе сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија за безбедна зима, соопшти министерот Крешник Бектеши.
– Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими, не само ние, туку и во регионот и во Европа. Со цел да имаме непречено снабдување со струја и пониски сметки. Препораките се поделени во повеќе категории. За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки, а за институциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15% помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите – рече тој.
Државните објекти кои се во сопственост на централната власт се задолжени да го исклучат декоративното осветлување на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлувањето, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, се препорачува менување на ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица кои ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе достасуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија. Овие задолженија ќе стапат на сила од 1 септември 2022 сè до 31 март 2023 година – додаде тој.
Во делот на јавните патишта треба да се намали осветлувањето до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти.
Орце Костов