Црна хроника
Поднесено обвинение за скопјанецот кој војувал во Сирија како член на ИСИС
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд достави обвинение против дваесет и четиригодишниот И.Т. од Скопје, за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Обвинетиот е дел од групата опфатена во акцијата „Ќелија 2“.
За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше уапсено уште едно лице. За останатите три лица меѓу кои и обвинетиот И.Т. беа распишани национални и меѓународни потерници.
По претходна радикализација во нашата земја, И.Т. како македонски државјанин спротивно на законот заминал во Сирија, каде што бил обучуван и учествувал во воените акции на паравоената формација – муџахединска единица наречена Тахрир Хајат Ал-Шали, која од страна на ООН е прогласена за терористичка организација. По завршената обука, која траела околу шест месеци, бил распореден во единица задолжена за обезбедување на терен во близина на градот Ибдил и извршувал одредени стражарски активности.
По постигнатото примирје во 2017 година, обвинетиот во јули 2019 година од Сирија илегално влегол во Турција и одреден временски период престојувал во Анкара и Истанбул. Со оглед дека со него имал патна исправа со истечен рок на важење не можел легално да се врати дома, па стапил во контакт со неговите родители.
Согласно договорот, тој илегално ја преминал турско-грчката граница и во Грција се сретнал со неговите родители, кои му ја донеле патната исправа на неговиот брат со која ја поминал границата и истиот ден преку ГП Долно Блаце ја напуштил државата заминувајќи на Косово.
Кога се вратил во Македонија, врз основа на претходно издадена наредба за издавање на национална и меѓународна потерница од 2017 година, обвинетиот И.Т. на 06.10.2020 година беше спроведен во КПУ Затвор Скопје – Скопје.
Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и меѓународниот карактер на истото, а воедно и фактот дека обвинетиот долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Оштетени 34 автомобили на паркинг во Аеродром, штетата над 10.000 евра
На паркинг простор на булеварот АСНОМ во скопската населба Аеродром биле оштетени 34 возила.
Како што соопштуваат од МВР, оштетувањето било извршено во периодот од 23:00 часот на 27 декември до 09:00 часот на 28 декември 2025 година, при што е причинета вкупна материјална штета од околу 11.000 евра.
Извршен е увид, а за случајот е известен јавен обвинител, а се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот, соопштуваат од полицијата.
Фото: илустрација (Pexels)
Црна хроника
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа во Скопје
Пешак е тешко повреден во сообраќајна несреќа што се случила на 27 декември околу 11 часот на улицата „Народен фронт“ во Скопје.
Според информациите од СВР Скопје, патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 53-годишна скопјанка, удрило во 31-годишен пешак, исто така од Скопје.
Во несреќата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што повредите му биле констатирани од лекарска екипа.
На местото на настанот бил извршен увид од полициска екипа од СВР Скопје, а причините за несреќата се утврдуваат.
Црна хроника
Млад возач излетал од патoт и удрил во ѕид од гаража, тешко е повреден
Сообраќајна несреќа се случила ноќеска по полноќ на регионалниот пат меѓу селата Липково и Отља, во кумановскиот регион.
Како што соопшти полицијата, на 28 декември околу 01:00 часот, патничко возило „сеат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 22-годишен маж од селото Отља, излетало од коловозот и удрило во ѕид од гаража.
Во несреќата, младиот возач се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Општа болница Куманово, каде што повредите му биле констатирани од лекарска екипа.
На местото на настанот бил извршен увид.

