Топ
Пожар во стан во Тетово – еден тешко повреден, десетина затруени
Еден маж е потешко повреден со изгореници, а 10 лица се затруени од чад, во пожарот што се случи денеска во стан во зграда на улицата „Димо Гавровски Кара“ во Тетово.
Тешко повредениот е пренесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Од Клиничката болница Тетово информираа дека кај повредениот маж имало изгореници од 4 степен, додека заструените од чадот се во лесна состојба. Тие биле примени во интерно одделение, а потоа пуштени на домашно лекување.
Експлозијата најверојатно ја предизвикала плинска боца. На терен интервенирале 10 пожарникари и три возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Манделсон е ослободен со кауција: Полицијата продолжува со истрагата
Поранешниот британски амбасадор во Соединетите Американски Држави, Питер Манделсон, е ослободен со кауција неколку часа откако беше уапсен во понеделник под сомнение за злоупотреба на службена должност, соопшти лондонската полиција.
Полицијата потврди дека 72-годишникот е ослободен во исчекување на истрагата. Репортерите на Би-би-си го виделе Манделсон како се враќа во својот дом во Лондон околу 2 часот наутро, објави медиумот.
Манделсон беше уапсен во понеделник на адреса во Камден, северен Лондон, и беше однесен во полициска станица на испрашување. Апсењето го извршија полицајци од специјализираната криминална единица на Метрополитен полицијата. Полицијата започна истрага претходно овој месец поради сомневања дека Манделсон, додека бил министер во владата, му дал комерцијално чувствителни информации на починатиот осуден педофил Џефри Епстин. Две адреси, во Вилтшир и Камден, беа претресени како дел од истрагата.
Питер Манделсон не зборуваше јавно за случајот Епстин во последните недели, но Би-би-си дознава дека тој тврди дека не сторил никакво кривично дело или бил мотивиран од финансиска добивка. Консултациите се во тек меѓу полицијата и Службата за крунско обвинителство.
Тој беше назначен за амбасадор на Велика Британија во САД во февруари 2025 година, но беше отстранет во септември откако Даунинг стрит соопшти дека се појавиле нови информации за длабочината на неговите врски со Епстин. Владата соопшти дека очекува првите документи поврзани со назначувањето на Манделсон да бидат објавени на почетокот на март.
Владата сè уште е заинтересирана да објави документи за кои се надева дека ќе го поддржат тврдењето на премиерот Сер Кир Стармер дека Манделсон „лажел“ за време на процесот на безбедносна проверка.
Дарен Џонс, главниот секретар на Министерството за финансии, им рече на пратениците во понеделник дека записите за дополнителните прашања поставени од Даунинг стрит за време на процесот на проверка за назначувањето нема да бидат вклучени во првата серија објавени материјали поради „интересот на Метрополитенската полиција за документот“.
Обвиненијата против Манделсон произлегуваат од серија документи објавени од Министерството за правда на САД минатиот месец, кои вклучуваат транскрипт од е-пошта меѓу него и Епстин.
Една порака од 2009 година се чини дека го покажува Манделсон како доставува проценка на политичките мерки, вклучително и „план за продажба на средства“ до советник на тогашниот премиер Гордон Браун. Се чини дека тој, исто така, разговарал за данок на банкарските бонуси и го потврдил претстојниот пакет за спасување од еврото еден ден пред официјално да биде објавен во 2010 година.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.

