Топ
Полицаец загина во железничка несреќа кај Маџари
Полициски службеник од Полициската станица Гази Баба загина во железничката несреќа што утрово се случи на преминот Маџари во Скопје.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, товарен воз што сообраќал од Табановце кон Скопје изутинава во 5.50 минути удрил во возило „фолксваген венто“ сопственост на МВР. Воизлото го управувал А.Б. полициски службеник во Полициската станица Гази Баба кој починал на лице место.
Известен е јавен обвинител од ОЈО Скопје кој врши увид на местото на несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков ја разреши судијката Алексовска-Стојановска од работната група за измени на Кривичниот законик: Да се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина
Министерот за правда Игор Филков ја разреши судијката Даниела Алаксовска-Стојановска од членство во работната група за измени на Кривичниот законик, а од која на протестите за смртно прегазената Фросина Кулакова семејството и јавноста побараа одговорност оти го спасила Јованов од затворска казна за претходни дела.
„Денес, се обраќам пред македонската јавност, не само како министер за правда туку како граѓанин и родител, и ги повикувам судовите во сите инстанции, како и Судскиот совет, да преземат дејства со кои ќе се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина. Ве информирам дека денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда судијката чие име ја бранува јавноста. Судијката беше дел од работната група која беше формирана во декември 2020 година за измена на Кривичниот законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик, со кои очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот кој е почнат за потребните суштински реформи во правосудството. Загриженоста ја упатувам затоа што сметам дека е крајно време надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност. Одговорност мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда, а институциите се тука да испорачаат брзо, правично и транспарентно“, рече министерот Филков.
Овој случај, според него, е само потврда на податоците за оценка на работата на судовите, кои беа презентирани пред некој ден.
„Токму брзината на постапувањето и корумпираноста беа детектирани како најголем проблем на судството со најниска оценка. Непостапувањето и спороста отвора можност утре да имаме исти или слични случаи“, вели министерот Филков.
Тој апелира до сите политички фактори во државата да не се обидуваат овој несреќен случај да го злоупотребуваат за дневно политички цели и нагласи дека правосудниот систем мора да се менува од корен, однадвор, но и однатре, и најави дека нема да дозволи неказнивост и недопирливост.
Македонија
Трајкоска-Стрезоски за случајот со прегазената Фросина: Одговорност на судијката не би требало да има, лично ја познавам
Претседателката на Академијата за судии и обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, оценува дека судиите се професионалци, кои работат во согласност со законот, и дека не станува збор за самоволие во нивните редови.
Одговарајќи на новинарско прашање дали оценува дека со заострени казни во законот ќе се избегне самоволието на судиите, Трајкоска-Стрезоски истакна: „За самоволие на судии не станува збор. Сите судии се професионалци, кои работат во согласност со законот. Би биле пожелни построги казни, мислам дека е изготвен веќе и Кривичниот зaконик, даден е на превод и треба до крајот на годината да биде доставен до Венециската комисија и потоа да почне постапка за негово донесување. Би било пожелно, но сепак тоа е одлука на парламентот“.
Запрашана за тоа дали оценува дека има можна одговорност кај судијката за случајот со Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова, кој веќе бил осудуван за неколку дела и бил испратен во казнено-поправен дом, а јавноста по несреќата, реагира дека секогаш му биле давани благи казни, претседателката на Академијата за судии и обвинители рече дека лично ја познава судијката, која, како што рече, е една од подобрите во својата работа.
„За одговорност на судијката сега не би требало да станува збор. Лично ја познавам судијката, навистина е професионална и една од подобрите во својата работа. Работи во согласност со законите, а сепак тоа е одлука на Судскиот совет“, изјави Трајкоска-Стрезоски.
Македонија
Не би сакал во вакви моменти на чувства да се носат избрзани одлуки, вели Камбовски за случајот на смртно прегазената Фросина
Судскиот совет будно го следи случајот со смртно прегазената Фросина Кулакова од Неготино, уверува претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски. Во овој момент смета дека не треба да се носат одлуки или да се изведуваат заклучоци, но не ја исклучи можноста повторно да се разгледаат досегашните случаи на убиецот на Фросина, Васил Јованов, кој веќе бил осудуван за неколку дела, бил испратен во казнено-поправен дом, но јавноста на неколкуте протести по несреќата, залележи дека секогаш му биле давани благи казни.
„Се работи за случај што ја потресе целата држава. Сите изразуваме сочувство до семејството и не би сакал сега во вакви моменти на чувства, кои ги има кај сите граѓани, да се носат некои избрзани одлуки или да се изведуваат некои заклучоци. Не се добри такви некои брзи промени да се прават во законот“, вели Камбовски.
Во однос на забелешките од семејството, кое бара одговорност не само од убиецот туку бара да одговараат и неговиот татко и судијката Даниела Алексовска-Стојановска, која претходно Васил Јованов го спасила од затвор, претседателот на Судскиот совет, Камбовски, не сакаше да коментира.
„Случајот конкретно јас не го знам, не знам кои биле доказите, каков бил настанот и не би се осудил да коментирам во врска со одлуката сѐ додека не го видам целиот предмет. Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст, ќе биде санкциониран. Сите се залагаме за владеење на правото, не познавам никој што се согласува вакви состојби да ни се случуваат“, рече Камбовски.
Во врска со прашањето за тоа какви казни определуваат судовите, Камбовски смета дека ни недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни оти законот предвидува најблага казна од 4 години, но највисока од 20 години затвор. Тој смета дека драконски казни нема да го решат проблемот.
„Ако мислиме дека само со драконски казни ова ќе го решиме, ова нема да се реши. Ние имаме подлабок, поголем проблем. Не е ова проблем само на благи казни, не е ова проблем само на постапување на судовите. Ова е проблем на целово општество и треба сите ние што сме фактори во општеството да размислиме што може да направиме ова да не се повторува во иднина“, нагласи Камбовски.
Камбовски вели дека Судскиот совет, најверојатно, ќе направи разговори со судијката за да види кои се фактите во случајот, но сето тоа ќе оди во предвидена процедура. Во овој момент вели дека случајот будно го следат, но тоа не значи ниту дека ќе отвораат некоја постапка против судијката ниту, пак, дека нема да отвораат.
Правда за убиецот на Фросина, одговорност од таткото и од судијката вчера преку протести побараа и огромен број жители на Скопје и Кавадарци.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.