Топ
Полицијата растури собир во црква во Брвеница, свештеникот и верниците однесени во станица
Полицијата растурила собир во црква кој се организирал во тетовска Брвеница.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапувале по пријава, а при увид биле затекнати повеќе од 15 лица кои не ги почитувале мерките за заштита од коронавирусот. Учесниците, заедно со одговорното свештено лице на црквата, биле повикани во станица.
За настанот, ќе следуваат и казни.
„На посоченото место веднаш се испратени служби на СВР Тетово, кои ги презеле сите потребни мерки и веќе се идентификувани петнаесетина лица, кои присуствувале на собирот, а во Полициската станица Тетово повикано е и одговорното свештено лице на црквата. СВР Тетово продолжува со идентификување на сите инволвирани и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци“, велат од МВР.
Полициска патрола и вчера растури собир покрај бадникарски оган во скопското село Орман. Сите учесници на настанот беа спроведени во полициска станица и ќе им бидат поднесени пријави. Министерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните да не организираат какви било собирања односно да ги почитуваат мерките за справување со коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.
Свет
Трамп потврди дека САД започнале напади врз Иран
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“.
Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран.
Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Тој нагласи дека заканувачките активности на Иран директно ги загрозуваат САД, нивните трупи, бази во странство и сојузниците низ целиот свет.
„Иранскиот режим скандира „Смрт за Америка“ веќе 47 години и води немилосрдна кампања на крвопролевање и масовни убиства, насочени кон САД, нашите трупи и невини луѓе во многу земји“, рече Трамп.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка операција на САД и Израел.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информации од иранската опозиција.
Свет
САД и Израел започнаа заеднички напад врз Иран
САД учествуваа во нападите утрово во Иран заедно со Израел, потврди американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка американско-израелска операција.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информациите од иранската опозиција.
Нападите се насочени и кон локации од кои Иран може да го загрози Израел.
Досега не е пријавен ракетен истрел врз Израел, но населението е повикано да остане во близина на засолништата, иако сè уште не е потребно да се влезе во нив.

