Топ
Полов напад врз малолетничка – ја повикал до продавница, па ја однел да ја гушка

Маж на возраст од 31 година се сомничи за полов напад врз дете и прикажување порнографски материјал, соопшти Основното јавно обвинителство од Прилеп.
Од таму информираат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, на возраст од 31 година, за кривични дела полов напад врз дете кое не наполнило 14 години и прикажување порнографски материјал на дете.
Имено, јавниот обвинител оценил дека постои основано сомнение дека осомничениот на 8 август во населбата „Тризла“ во Прилеп, заради задоволување на полови страсти, извршил полови дејствија врз 13-годишно дете.
Делото осомничениот го извршил така што отишол пред куќата каде што живее оштетената, која седела со уште неколку деца и ја повикал да отидат да купат пиво од продавницата. Детето се согласило и заедно отишле до продавницата од каде што купил пиво, па на негово барање се упатиле во близина кај гаражите од околните згради и застанале во неосветлениот парк каде што почнал да ја гушка и да ја трга кон себе.
Девојчето за да се спаси побарало од него 100 денари за да купи вода со ветување дека ќе се врати.
Осомничениот се согласил и ѝ дал пари, па оштетената побегнала пред својот дом каде седеле другите деца. По кратко време таму дошол осомничениот кој повторно побарал да оди со него, но девојчето не се согласило.
Тогаш осомничениот ги избркал останатите присутни деца, седнал до оштетената, па на мобилниот телефон почнал да ѝ прикажува видеозаписи со порнографска содржина, барајќи од неа да ги гледа снимките. Тој инсистирал девојчето повторно да оди со него кај гаражите, но тоа не се согласило, по што продолжил да ја гушка и допира.
„Надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена“, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски-Кос: нагласена определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Скопје оствари средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.
На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
Мицкоски ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Македонија
Достапни се лековите за третман на онколошки заболувања, сите пациенти ја добиваат потребната терапија, вели директорот

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија информираат дека сите пациенти ја добиваат потребната терапија и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања.
-Лекот Paclitaxel е навреме нарачан од Клиниката, но заради застој во дистрибуцијата, најавено ни е дека овие денови ќе биде дистрибуиран на клиниката. За Paclitaxel има замена од истата група на лекови со идентична ефикасност и тоа е docatexel-от. Исто така, лекот Еrlotinib, се заменува кај пациентите со Gefitinib кој има идентична ефикасност. Тендерите се навреме спроведени, очекуваме овие лекови да пристигнат во првата недела од јули. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и континуитетот во лекувањето е целосно обезбеден, информира Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Годинава, според надлежните, е двојно зголемен условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови.
Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.