Црна хроника
Пресметка меѓу мигранти кај Табановце, нападнати и ограбени Авганистанци

Вчера во 15.30 часот во Полициската станица Куманово, Х.А.(34), С.Е.(21), Р.А.(21) и Ф.Е.(16), сите од Авганистан, пријавиле дека околу 00.15 часот во близина на Транзитен центар Табановце биле нападнати од неколку лица од Пакистан и од Индија, кои потоа им одзеле пари.
Според пријавеното, лицата употребиле остар предмет и пиштол.
По преземени мерки, во врска со настанот, во с.Лојане, општина Липково, од слобода биле лишени Л.С.(23) од Индија, М.А. од Пакистан, И.Х.(31) од Пакистан, П.К.(20) од Индија и 16-годишник од Пакистан.
Кај нив биле пронајдени и одземени еден пиштол „Зораки“ со една празна рамка, четири куршуми и еден нож.
Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, велат надлежните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Полициска акција за спасување: Заглавени малолетници на Попова Шапка и брачен пар со возило во снег

Полицијата успеала да спаси брачен пар заглавен со автомобил во снег на патот од споменикот „Слива“ кон Крушевското езеро.
Според информациите, тоа се случило вчера по 16 часот, кога К.Р.(22) од Скопје побарал помош затоа што заедно со неговата сопруга со автомобил „дачиа“ со скопски регистарски ознаки заглавиле во снежни наноси.
Полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Крушево извршиле проверки на теренот и во 16. 35 часот на место викано „Тушот“ лицата биле пронајдени во добра здравствена состојба, а возилото било извлечено.
Вчера исто така, две малолетни лица од Скопје побарале помош, бидејќи се наоѓале во објект кај ски-лифтот на Попова Шапка и поради густата магла и силен ветер не биле во можност да слезат.
Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка во содејство со Ратрак излегле на местото и околу 16.20 часот малолетниците биле пронајдени, прифатени и доведени до центарот на локалитетот во добра здраствена состојба.
Црна хроника
Српски државјанин фатен на граница како превезува мигранти

Српски државјанин фатен како превезува мигранти на граничниот премин Стар Дојран.
Според информациите, М.К.(47) од Србија возел товарно возило со приколка, а во него биле пронајдени 20 мигранти од Сирија.
Лицето било задржано во полициска станица, а мигрантите биле спроведени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Во скопска продавница за миленици се продавала дрога, полицијата најде 85 таблети

Дрога се продавала во продавница за миленици во Скопје.
Полицијата извршила претрес во просториите на продавницата и нашла 85 таблети.
На 3 февруари, осомничениот неовластено му продал на еден сведок 0,53 грама 3,4-метилен-диоксиметафетамин (МДМА). Полициски службеници веднаш потоа извршиле претрес во простории на продавница за производи за домашни миленици во Скопје што ги користел осомничениот, па таму пронашле вкупно 85 таблети од таа психотропна супстанција наменети за неовластена продажба. Освен ова, биле откриени и дополнителни 24,09 грама МДМА во прашкаста форма, 11,4 грама амфетамин, како и 90,68 грама марихуана. При претресот биле одземени и две дигитални ваги на кои се регистрирани траги од МДМА, кокаин и тетрахидроканабинол.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои што укажуваат дека притворската мерка е неопходна за непречено водење на кривичната постапка со оглед на опасноста осомничениот да се даде во бегство, да влијае врз сведоци или да го повтори делото.