Црна хроника
Пресуден доживотен затвор за Елвин Куртовиќ по признанието вина за убиството зад „Мавровка“
Основниот Кривичен суд Скопје го осуди на доживотен затвор Елвин Куртовиќ по признанието вина за убиството зад трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје на 20 август минатата година.
Судијката Моника Бахчовановска пред објавата на пресудата прочита вештачење од психијатар на обвинетиот, во кое се оценува дека е психички здрава личност со нормална интелигенција.
„Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајни нестреќи, фалсификување, а имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјалните норми и невозможно одржување трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело бил во секој момент пресметлив и со уредно психичко здравје“, изјави судијката Бахчовановска.
Лицето се товари за убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
Според ОЈО Скопје, обвинетиот, на 20 август 2024, зад трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол го лишил од живот оштетениот Васил Ефтимов по што со пиштолот ѝ се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата што таа ја носела на рамото, како и една гајба во разни бои, покриена со шаторско крило, во која имало секаков рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото.
Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

