Црна хроника
Притворени двајца тетовци – со автомобил прегазиле полицаец и фрлиле марихуана низ прозорецот

Полициска потера и напад на локалниот пат од селото Ѓермо кон Тетово се случувала пред два дена по што епилогот е две приведени лица, полицаец прегазен со автомобил и марихуана фрлена низ прозорец.
Тетовското Обвинителство води истрага за недозволена трговија со марихуана и напад врз полициски службеник.
„На 14 март, на локалниот пат од селото Ѓермо кон Тетово, полициски службеници запреле автомобил, во кој биле двајцата осомничени. Во моментот кога полицајците се обиделе да извршат контрола на возилото, возачот го ставил автомобилот во погон и почнал да се движи наназад за да избега. Полициските службеници го попречиле и забележале како совозачот од прозорецот фрлил наркотична дрога – марихуана за која подоцна е утврдено дека е со нето-маса од 30,96 грама.
Еден од полициските службеници успеал да ја отвори возачката врата и му дал наредба на возачот да го изгаси автомобилот, но тој повторно тргнал напред и со задното тркало поминал преку нозете на полицаецот, кој добил телесни повреди. Автомобилот во кој биле осомничените удрил во полициското возило и запрел, а двајцата осомничени биле лишени од слобода“, соопшти Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Предлогот е прифатен и судијата со решение им определи притвор во траење по 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Килограм марихуана и куршуми пронајдени кај скопјанец

Четири најлонски кеси и две стаклени тегли во која била сместена марихуана биле пронајдени кај 38-годишен скопјанец, информираа надлежните.
Имено, денеска полициски службеници од СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршија претрес во дом на С. Т. (38) во Скопје.
При претресот пронајдени се четири најлонски кеси со околу 800 грама марихуана и две стаклени тегли со околу 200 грама марихуана и седум куршуми.
Лицето, како што соопшти МВР е лишено од слобода и задржано во полициска станица и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Црна хроника
Уапсен скопјанец кој превезувал мигранти од Сирија и Конго, полицијата го запрела но тој побегнал

Денеска на крстосницата кај с.Водоврати, општина Градско, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Р.М.(21) од Скопје, затоа што со возило „aуди“ со бугарски национални ознаки превезувал 10 лица мигранти (шест од Сирија и четири од Конго).
Имено, околу 08.00 на автопатот Неготино – Велес Р.М. не застанал на даден знак за сопирање од полициски службеници, но набргу, кај клучка Градско, возилото било забележано како се упатува по регионалниот пат, по што на крстосницата кај с.Водоврати било запрено, а лицето приведено.
Р.М. бил задржан во полициска станица, а мигрантите бил спроведени во прифатно-транзитен центар.
За случајот бил известен Јавен обвинител и по неговото документирање ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
Црна хроника
Приведени скопјанка и штипјанец поради сомнение за нелегален ископ на предмети од културно наследство

Полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции ги лишиле од слобода 52-годишната Н. Л. С. од Скопје и М. Н. (41) од Штип.
На автопатот Скопје – Штип, кај клучката Југ – Свети Николе, при преглед на патничко возило „пежо“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Н. Л. С., во кое сопатник бил М. Н., биле пронајдени и одземени повеќе парчиња стари монети и други предмети за кои постои сомнение дека се предмети од културно наследство, како и два детектора за злато и неколку копачи.
Лицата биле задржани во полициска станица и во службен разговор изјавиле дека ископот го вршеле на локација кај с. Стањевце, Светиниколско. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.