Црна хроника
Притвор за едно лице поради криумчарење 18 мигранти меѓу кои и четири деца
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, македонски државјанин, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело криумчарење мигранти.
„Осомничениот прифатил и превезувал 18 илегални мигранти, меѓу кои четири деца во патничко моторно возило марка „крајслер“. На патниот правец Велес – Скопје, во непосредна близина на мостот на реката Пчиња, осомничениот на светлосните и звучни сигнали од страна на полициски службеници не го запрел возилото, туку продолжил да се движи кон наплатната рампа Петровец со голема брзина. Во еден момент пред рампата полукружно го свртел возилото и се упатил во правец на с.Петровец, а од таму движејќи се по регионалниот пат кон с.Катланово. Пред влезот во селото, на надвозникот удрил во патничко моторно возило што доаѓало од спротивната насока и предизвикал сообраќајна незгода. Од страна на полициските службеници осомничениот е лишен од слобода, а во возилото биле затекнати мигрантите“, се наведува во соопштението од обвинителството.
Поради постоење на реална опасност, доколку се брани од слобода, осомничениот да се крие или да побегне за да ја избегне кривичната одговорност, како и стравот дека ќе ја попречува истрагата, односно ќе биде во можност да влијае врз сведоците, а воедно имајќи го предвид фактот дека е специјален повратник и извршител на други кривични дела, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

