Црна хроника
Притвор за 19-годишен скопјанец осомничен за неколку кражби

Против 19-годишен скопјанец Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка, бидејќи постои основано сомнение дека сторил две тешки кражби, една кражба, еден обид за тешка кражба и едно одземање моторно возило.
Согласно доказите обезбедени до овој момент, осомничениот на 14 јуни, од ресторан на булеварот „Словенија“ одзел 700 евра и 11.000 денари. Искористувајќи ја околноста што ресторанот бил привремено затворен за работа, со физичка сила ги отворил вратите, влегол внатре и од една од работните простории ги одзел парите. На 7 август повторно насилно влегол во истиот ресторан со намера да одземе туѓи подвижни предмети, но бил забележан од една вработена и побегнал. На 27 август, на дрзок начин, преку отворен прозорец во спалната соба влегол во стан на улицата „Благој Давков“ и додека сопственичката спиела, одзел ранец во кој имало мобилен телефон, слушалки, мини звучник и други предмети во вкупна вредност од околу 20.000 денари. Потоа, на 29 август, од паркинг простор на улицата „Максим Горки“, осомничениот противправно одзел туѓо моторно возило – комбе „Мерцедес вито“. Возилото било незаклучено, а клучот бил оставен во контакт-бравата за погон, па осомничениот го стартувал и заминал со него во непознат правец. На 31 август, тој влегол во печатница на улицата „Анкарска“ и од една од работните простории одзел чанта во која имало мобилен телефон, паричник со 500 денари, документи, банкарски картички и други предмети во вкупна вредност од 36.000 денари.
Поради опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, информираат од ОЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Уапсен мотоциклистот кој усмрти пешак на кејот во Скопје

Полицијата го уапси мотоциклистот кој завчера усмрти пешак на кејот во Скопје, на пешачка патека во близина на Паркот на франкофонијата. Откако го прегази пешакот, мотоциклистот избега.
Од МВР информираат дека денеска во полициска станица е извршен службен разговор со Ф.Љ.(25) од Скопје, кој на 01 јули околу 19.30 часот на пешачка патека во близина на ул.„Ленинова“ во Скопје, со мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ј.Н.(68) од Скопје, по што избегал.
Од здобиените повреди Ј.Н. почина во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
„Денеска Ф.Љ. е лишен од слобода и по документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка“, соопшти МВР.
Црна хроника
Возел со 2,54 промила алкохол во крвта и поминал на црвено светло: уапсен маж од Кавадаречко

Утрово во 05.40 часот, на улица „Вишешница“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода В.Ѓ.(39) од село Ресава, кавадаречко.
На улица „Западен булевар“ во Кавадарци, тој управувајќи патничко возило „цитроен“ со кавадаречки регистарски ознаки, поминал на црвено светло, а по преземени мерки, полициските службеници констатирале дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 2.54 промили алкохол во крвта.
В.Ѓ. е задржан во полициска станица и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти полицијата.
Црна хроника
Бил затекнат додека палел сува трева: уапсен кумановец

Синоќа во 21.20 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ш.А. (56) од Куманово, затоа што на ул. „Доне Божинов“ во Куманово бил затекнат како пали сува трева.
Пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово, а Ш.А. е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.