Топ
Пријава за лихвар од Липковско, за заем од 1.500 евра му ја зел куќата на соселанец

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 52-годишен жител на селото Опае со иницијали Б. С. поради сомнение за сторено кривично дело лихварство.
Во текот на 2014 година пријавениот на соселанец со иницијали Х. И. му дал 1.500 евра и искористувајќи ја неговата материјална состојба го условил со месечна камата од 500 евра, а главниот долг да остане ист.
Откако Х. И. не успеал да ги врати главниот долг и каматата, пријавениот во неколку наврати го зголемувал главниот долг, кој во 2015 година достигнал 20.000 евра. По барање и со закани од страна на лихварот, Х. И. во јануари 2016 година со нотарски договор, кој требало да важи до враќање на парите, му ја препишал куќата во село Опае.
Додека Х .И. бил да работи во странство за да ја обезбеди бараната сума, Б. С. ја принудил сопругата на Х. И. со семејството да ја напуштат куќата, а кога се вратил во октомври 2020 година, Х. И. преку посредник стапил во контакт со пријавениот, кој тогаш побарал од него до март 2021 година да му даде 90.000 евра за да му ја врати куќата. По изминување на последниот рок, Х. И. го пријавил случајот во кумановската полиција.
Како што соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска, лихварот моментно е на издржување казна затвор за друго кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Топ
(Фото) Запленети околу 100 килограми марихуана во Струмица, уапсени три лица

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица во координација со Агенцијата за национална безбедност, а во согласност со своите законски овластувања, постапувајќи по наредба на јавен обвинител на 30.06.2025 во 18.30 часот на ул. „Климент Охридски“ во Струмица ги лишија од слобода Е.Б.(32) од село Попчево, струмичко и А.С.(39) и А.С.(24) од скопско.
При преглед на патничко возило „голф“ со фалсификувани регистарски ознаки, управувано од Е.Б., биле пронајдени шест торби со 100 пакувања марихуана, со вкупна тежина од околу 100 килограми.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
По документирање на случајот, во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава и ќе бидат изведени пред судија од Основен суд Струмица, соопштија надлежните.
Македонија
Филипче: Не е време за калкулации, ниту за ситнопартиски интереси, СДСМ останува силен промотор на европската идеја

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.
„Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Оваа средба е доказ за континуираната, искрена поддршка која ЕУ ѝ ја дава на земјата на патот кон конечната цел – членство во Унијата“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува целосно посветен на европскиот пат како единствена реална опција за развој на државата.
„Сметаме дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне капацитетите и институциите, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите ќе може да ја бараат својата иднина тука, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега“, додаде тој.
Филипче изрази загриженост за стагнацијата во евроинтегративниот процес и недостатокот на политичка стратегија и дијалог во изминатата година.
„Жалам што има стагнација на тој пат – некако отсуствуваат и стратегија, и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Во таа смисла, побарав поддршка од еврокомесарката, и од неа лично, и од сите европски партнери, да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Филипче.
Тој испрати јасна порака до сите политички чинители дека е време за единство околу стратешката цел – членство во ЕУ.
„Ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, порача Филипче.
„И јас лично, и СДСМ, остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“