Топ
Работник од Скопје почина при пад од зграда во изградба
Градежен работник паднал и починал додека работел на зграда во изградба во Гази Баба.
Според информациите, се работи за М.Ц. (55) од Скопје, кој починал на самото место на настанот, што се случил вчера попладнето.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и инспектор од Државен инспекторат за труд, а по наредба на Јавен обвинител телото е предадено во Институтот за судска медицина за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.
Македонија
МНР апелира македонските државјани да го напуштат Иран во прва можна прилика
Министерството за надворешни работи апелира сите македонски државјани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат земјата поради влошената состојба.
„Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика. Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10.
фото/епа

