Топ
Се удави рибар во водите на Вардар
Педесет и шестгодишен маж од гевгелиското село Миравци се удави во реката Вардар.
Несреќата се случила вчера во 15.40 часот додека на местото наречено Три Тополи, В. М. (19) и В. Ѓ. (56) местеле мрежи во реката Вардар кога В. Ѓ. паднал во водите на реката и потонал.
Вечерта тој бил понајден и извлечен од реката, а од страна на лекар од Службата за итна медицинска помош Гевгелија била констатирана смрт.
Увид на местото на незгодата извршила екипа од Полициската станица Гевгелија. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Воздухот во градинките и училиштата загаден двапати над дозволеното, УНДП направи анализа во пет града во земјата
Воздухот во внатрешните простории на улиштатата и градинките во Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и во Кавадарци е загаден двапати над препорачаната граница од Светската здравствена организација. Ваков резултат покажа анализата направена од УНДП со финансиска поддршка од Шведска, која денес беше презентирана. Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вклучен во истражувањето, вели дека воздухот во затворените простории во училиштата и градинките, слично како и надворешниот амбиентален воздух, го надминува дозволениот лимит на ПМ 2,5-суспендирани честички, а истражувањето покажало дека другите загадувачи се во рамките на прифатливите граници. Иако се поврзани, нема директно влијание на надворешниот воздух врз воздухот во внатрешните простории. Истражувањето покажало дека во зимскиот период кога суспендираните честички имаат екстремно високи концентрации надвор, тие не пробиваат во целост внатре, па зимно време концентрациите се помали во затворените простори за разлика од летно време кога тие се поголеми.
„Во просек ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација за двапати. Максимално дозволена концентрација на ПМ 2,5-честичките за осум часа во затворен простор е 25, а кај нас надминувања има и во студената и во топлата сезона и концентрациите на ПМ 2,5-честичките се движат од 40 до 80 микрограми на кубен метар“, рече Мираковски пред презентацијата на резултатите од истражувањето.
Тој нагласи дека дишеме загаден воздух и внатре и надвор, но дишењето загаден воздух внатре е поголем проблем оти, особено во зимскиот период, многу повеќе време децата минуваат во затворени простории. За разлика од надворешниот воздух, за внатрешниот Мираковски вели дека има повеќе решенија. Такви се современите системи за вентилација, едноставните самостојни системи за филтрација на воздухот, кои може да намалат 80 – 90 отсто од концентрациите на суспендираните честички, како и мерките за хигиена, кои вклучуваат почесто мокро пребришување, како и посебна облека и обувки за внатре. Сите овие мерки заедно Мираковски вели дека може за кусо време да дадат резултат.
Пред денешната презентација на резултатите од истражувањето, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин рече дека за него се издвоени пари од даночните обврзници на Шведска, но им се заблагодари и на општините Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и Кавадарци, кои заедно со кофинансирање успеале да издвојат речиси еден милион евра.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, пред почетокот на презентацијата на резултатите од истражувањето рече дека справувањето со загадениот воздух треба да биде заедничка акција на сите и најави дека во рамките на таквите активности в година 10 болници ќе го сменат начинот на греење и нема повеќе да користат мазут и нафта.
На презнетацијата присуствуваше и заменик-министерот за труд и социјала, Ѓоко Велковски, кој најави дека како Министерство во следниот буџет ќе бараат начин за директно да им помогнат на училиштата и градинките во справувањето со загадениот воздух во просториите. Министерката, пак, за образование, Весна Јаневска, рече дека интензивно работат на менување на греењето во училиштата и градинките и најави дека по презентацијата на резултатите од истражувањето, очекува предлози како да се подобри квалитетот на воздухот.
Македонија
Стомачен вирус и температура имаат обвинителите кога треба да дејствуваат против криминалци што ја симболизираат претходната власт, рече Мицкоски
Инсталациите на СДСМ и ДУИ се жилави и борбата со нив ќе биде долга и жестока во обвинителството и во судството. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на одлуката на Антикорупциска комисија дека именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси.
„Често пати во изминативе еве, речиси пет месеци откако сме Влада, се случува да некој од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму, во моментот кога ќе треба да се преземе резолутна акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато владеење седум годишно коешто не треба да ни се повтори“, рече Мицкоски.
Додаде дека малкумина се во обвинителството и судството се уште слепи послушници на претходната Влада од СДСМ и ДУИ, но верува дека ќе бидат поразени.
Економија
Бензинот поскапува половина денар
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,10 проценти во однос на одлуката од 8 ноември.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,675%, кај дизелот има намалување за 0,029%, кај екстра лесното масло има зголемување за 4,191% и кај мазутот зголемувањето е за 2,904%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1794%.
Од 12.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,844 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,859 ден/кг и сега ќе изнесува 43,844 ден/кг.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.11.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.