Топ
Уапсени двајцата возачи што удрија пешаци во Скопје, автомобилите одземени

Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода 45-годишниот И.С. од Скопје, затоа што на 27.03.2025 околу 21.50 часот во Скопје, на крстосница од улицата „Адем Демачи“ со улицата „Методија Митевски“, со патничко возило „фиат“ со скопски регистарски таблички удрил во пешакот А.А.(57) од Скопје.
Пешакот е пренесен за укажување на лекарска помош во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Известен е јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР Скопје И.С. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка.
Исто така, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода 52-годишниот Б.Х. од Република Турција, со живеалиште во Скопје, затоа што на 27.03.2025 околу 17.30 часот во Скопје, на крстосницата од ул.„Филип Втори Македонски“ со ул.„Мирче Ацев“, со патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски таблички удрил во Л.М.(48) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Л.М., констатирани во ГОБ „Св.Наум Охридски“. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот е задржан во полициска станица, а возилото е одземено за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Македонија
„Вреди“: Посакуваме Бектеши да ја докаже невиноста, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за Кочани

Коалицијата „Вреди“ посакува ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши да ја докаже својата невиност во случајот со лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани, без оглед на ривалството со Интегративците.
„Без разлика што сме лути политички противници, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за трагедијата во Кочани. Но, за тоа одлучуваат правосудните органи, а не политичките чинители“, велат од „Вреди“.
Понатаму додаваат дека ДУИ веќе се претвориле во партија чија единствена идеологија е одбрана на своите поранешни функционери. За таа нивна цел, како што додаваат, се подготвени да ги бојкотираат локалните избори и да се обидат да предизвикаат политичка криза.
„Кога ДУИ зборува за систем, треба да одговори на што точно мисли. На системот кој нивниот режим го создаваше 22 години, додека беа дел од сите Влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? На Јавното Обвинителство на Ислам Абази? На бегалците од правдата Артан Груби и Прпарим Бајрами? На системот на владеење кој од голобради функционерчиња на ДУИ направи милионери на грбот на Албанците? На системот во кој имаше селективна одговорност за трагедиите со модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс?“, се додава во соопштението на коалицијата на албанските партии која е дел од владејачката гарнитура.
Понатаму заклучуваат и дека колку и да се препелка ДУИ, колку и лажно да се претставуваат како фактор меѓу Албанците, политичкиот крај на ова нивно корумпирано раководство пристигнува.