Црна хроника
Уапсени четири лица од Радовиш: краделе во продажни објекти

На 16.12.2024 во Радовиш полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Радовиш ги лишиле од слобода В.Ј.(29), С.А.(28), С.Р.(32) и Т.М.(24), сите од Радовиш, поради сомнение дека во декември 2024 година извршиле четири кривични дела „тешка кражба“ во продажни објекти, од кои три на подрачје на Радовиш и една на подрачје на Струмица.
Лицата биле задржани во полициските станици во Радовиш и Струмица, а врз основа на судски наредби биле извршени претреси во нивните домови, при што биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делата.
На 16.12.2024 во Полициската станица Радовиш бил повикан и И.М.(27) од Радовиш. Тој и Т.М. во службен разговор ги признале делата. Запознаен е јавен обвинител и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Малолетници фатени со алкохол в рака и по полноќ, казни за газдите на локалите

Малолетно лице било послужено со алкохол, а друго било затекнато во угостителски објект по полноќ, при акциска контрола што полицијата ја спровела во два локали во Македонска Каменица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат од МВР, акцијата била реализирана на 17 мај од страна на СВР Штип – ОВР Делчево, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување. При контролата биле утврдени сериозни прекршувања на законските прописи.
„Констатирано е кривично дело – точење алкохол на малолетно лице, како и прекршок за присуство на малолетник во угостителски објект после 24:00 часот. За наведените дејствија ќе бидат поднесени соодветни пријави“, стои во соопштението на МВР.
Од Министерството додаваат дека од страна на инспекциските служби се евидентирани и други неправилности, за кои се изречени соодветни мерки.
Црна хроника
Пукал со воздушна пушка кон деца кои му береле цреши во дворот

69-годишен жител на Свети Николе е приведен откако пукал со воздушна пушка од терасата на својот дом кон неколку деца кои береле цреши од дрво во неговиот двор, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил на 16 мај 2025 година во 14:00 часот на улицата Питу Гули во Свети Николе. Според информациите од СВР, осомничениот В.И. (69) бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе.
„Лицето од тераса на својата куќа испукало со воздушна пушка кон неколку малолетни лица кои береле цреши од дрво кое се наоѓа во неговиот двор. Повредени нема, а по преземените мерки тој е приведен“, информираат од МВР.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 од Кривичниот законик – за „предизвикување општа опасност“.
Црна хроника
Жена нападната на паркинг во Аеродром, полицијата ја бара сторителката

Жена била физички нападната од друго женско лице на паркинг пред угостителски објект во скопската општина Аеродром, по претходен конфликт во сообраќајот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти СВР Скопје, инцидентот се случил на 15 мај 2025 година околу 14:30 часот. Случајот бил пријавен само пет минути подоцна од страна на нападнатата Д.Б. (45) од Скопје.
„Според пријавеното, на паркинг простор пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, по претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавителката била физички нападната од женско лице“, соопштија од МВР.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на напаѓачката.