Топ
Фатен е малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Србија во Куманово (ВИДЕО)
Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава на 29.11.2024 во 09.05 часот дека е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија во Македонија, лоциран во Куманово, соопшти МВР.
Како што се наведува во соопштението од МВР, веднаш по добиената пријава, во координација со ОЈО Куманово, полициски службеници од СВР Куманово презедоа мерки и активности и го расчистија кривичното дело. Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава по член 319 од КЗ до ОЈО Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Тие што треба да не штитат, не трујат со наши пари“: Граѓаните со протестен марш против загадувањето
Со протестен марш, кој започна пред Министерството за животна средина, попладнево иницијативата „Зелен хуман град“ заедно со други граѓански организации го изразија своето незадоволство од високото ниво на аерозагадување во земјата.
„Што ви дишат децата“, „Сакаме воздух“, „Уа“, извикуваа присутните вечерва.
„Имаме работа со комплетно неразумни политичари кои не тешат дека загадувањето не се решава преку ноќ. Колку ноќи им требаат на овие луѓе. Тоа не е ноќ, тоа е мрак повеќе од една деценија, во кој многу луѓе испуштија здив“, беше истакнато од говорниците на протестот пред парламентот.
Реагираа на проектираниот буџет за следната година, каде како што оценија, пари за загадувањето нема.
„Секоја година трошат се повеќе милијарди, а за воздухот пак нула, нема ништо. Тие што треба да не штитат и да ни го овозможат уставното право за чиста животна средина, тие не трујат со наши пари“, беше посочено на протестот.
„Следен пат треба да маршираме пред амбасадите затоа што тие повеќе се грижат од нашите избраници кои ние ги плаќаме. Се што е направено досега за загадувањето е направено со странски пари и од надвор, овие парите ги чуваат за тендери“, потенцираа говорниците на протесниот марш.
Маршот почна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжи пред Собранието, а Владата беше последна пред која се упатија насобраните граѓани.
Македонија
Под истрага 23 лица во акцијата „Адитив“
По двонеделна предистражна постапка што започна да се спроведува од 21.11.2024 година кога предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови под раководство на двајца јавни обвинители се реализира голема полициска акција.
Единиците на МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, врз основа на 77 барања за издавање наредби за претрес доставени до Основниот кривичен суд Скопје започнувајќи од 27.11. до 9.12.2024 година, извршуваат претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. Издадени се три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување податоци до надлежни институции и МВР. Јавните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај, соопшти обвинителството.
Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка.
Така, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.
Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
Акцијата е во тек, се обезбедуваат материјални докази врз основа на кои ќе се донесе одлука за примена на мерките на обезбедување на осомничените, за што јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден, соопштија надлежните.
Македонија
За Мицкоски, ДУИ е политички глодач: Знаат дека утре ништо нема да се случи со Законот за јазиците, но ќе излезат и ќе кажат дека поради нивниот притисок, сè е одложено
На членовите на Демократската унија за интеграции им е многу јасно дека утре не може ништо да се случи со Законот за јазиците во Уставниот суд оти тие ги избираа судиите и никој не можеше да биде уставен судија или каков било судија без да помине филтер низ нивните структури, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Тој уверува дека ситуацијата е под контрола и дека утре нема да се случи ништо оти се работи за процес што може да трае со месеци или години и ги повика граѓаните да не дозволат да бидат злоупотребени.
„Тие точно знаат дека, за да дојдеме до конечно решение, какво и да е, не е важно, најпрвин го имаме оној што е за овој случај надлежен судија да го репортира, да им објасни на своите колеги, па јавна дискусија, јавна расправа, па подготвителна седницата, така што тоа е процес што ќе трае со месеци, можеби и години. Нивната цел беше сега како политички глодачи да начекаат и да видат – еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи, да излезат во јавноста, нормално, тоа може само политички глодачи да го прават, да излезат и да кажат еве поради тоа што ние правевме притисок, се одложи сето ова. Не функционираат така работите, а ним им е многу јасно како функционираат работите. Затоа ги молам уште еднаш нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени. Целата работа е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Не е потребно. Тие луѓе завршија, на 8 мај беа поразени, имаме нова Влада, која точно знае што прави и кои чекори ги презема. Ве молам за смиреност, немојте да дозволите да бидете злоупотребени. Ништо нема да се случи утре, целата ситуација е под контрола. Тоа сакам да го испратам како порака“, вели премиерот Мицкоски.
Активисти на ДУИ во неделата се собраа пред Уставниот суд и поставија „стража за јазикот“, со најава дека ќе останат таму сè до утрешната седница, на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците.