Топ
Ја прекинала врската, па ги претепал и неа и нејзиното дете

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кавадарци за кривично дело насилство од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Откако претходно повеќепати ѝ пишувал пораки преку апликацијата „Вибер“, во кои ѝ се заканувал дека ќе ја повреди и ќе ја убие, а со која порано бил во љубовна врска, затоа што му кажала дека веќе не сака контакт со него, на 16 јануари осомничениот дошол од Кавадарци, каде што живее, со своето возило и го паркирал на улицата пред семејната куќа на оштетената во селото Мрзенци.
Кога дошол пред влезната врата, ѝ се јавил да му ја отклучи вратата, па кога оштетената одбила, осомничениот со ногата ја скршил вратата и влегол внатре.
Веднаш се качил на горниот кат, каде што во спалната соба оштетената спиела со својата 6-годишна ќерка, и ја удрил со бокс во пределот на лицето. Во тој момент се разбудило и девојчето и почнало да плаче, па оштетената ја кренала во рацете. Осомничениот замавнал кон нив и го удрил и девојчето во пределот на лицето. На оштетената ѝ го одзел мобилниот телефон и го скршил за да не може да побара помош.
Потоа повторно почнал да ја удира со боксови и клоци, да ја дави во пределот на вратот, а за целото тоа време нејзината малолетна ќерка плачела вознемирено молејќи го осомничениот да си оди и да не ја тепа мајка ѝ.
Навредувајќи ја, тој ја фатил за косата оштетената и со влечење ја симнал во дневната соба. За да го натера да ја пушти мајката, девојчето почнало да фрла кон осомничениот со портокали по што тој почнал да ја тресе ќерката, ја кренал и силно ја фрлил на седечката гарнитура.
Потоа се качил на горниот кат, каде што ги кршел и расфрлал сите предмети. Тој момент го искористила оштетената, која целата во крв, боса, ја зела ќерка си и успеала да излезе од куќата, да влезе во возилото и да побегне во домот на своите родители.
Од насилството оштетената добила тешка телесна повреда – скршеница на носот, како и повеќе расеченици, контузии и хематоми по целото тело, а телесни повреди – гребнатинки, модрици и хематоми добила и нејзината малолетна ќерка. Со дејствата осомничениот и кај двете предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, што резултирало со многу психички трауми, особено кај 6-годишното девојче.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот бидејќи постојат околности што го оправдуваат стравот дека тој ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело.
Судијата го прифати предлогот и донесе решение, со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски-Кос: нагласена определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи

Премиерот Христијан Мицкоски, денес во Скопје оствари средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.
На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
Мицкоски ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Македонија
Достапни се лековите за третман на онколошки заболувања, сите пациенти ја добиваат потребната терапија, вели директорот

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија информираат дека сите пациенти ја добиваат потребната терапија и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања.
-Лекот Paclitaxel е навреме нарачан од Клиниката, но заради застој во дистрибуцијата, најавено ни е дека овие денови ќе биде дистрибуиран на клиниката. За Paclitaxel има замена од истата група на лекови со идентична ефикасност и тоа е docatexel-от. Исто така, лекот Еrlotinib, се заменува кај пациентите со Gefitinib кој има идентична ефикасност. Тендерите се навреме спроведени, очекуваме овие лекови да пристигнат во првата недела од јули. Во меѓувреме уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и континуитетот во лекувањето е целосно обезбеден, информира Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.
Годинава, според надлежните, е двојно зголемен условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови.
Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.