Црна хроника
Обид за убиство: Менаџер во казино со нож нападнал кумановец, кој сакал да се коцка без пари
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
На 8 август, во дворното место на сопствената куќа, осомничениот се обидел да лиши од живот друго лице. Осомничениот, менаџер во казино, пред да му заврши смената му дал на оштетениот на негово барање тикет во вредност од 6.000 денари како заем за да игра на покер апаратите. Кога се вратил дома, добил повик од вработена дека истото лице бара уште еден тикет, но тој не дозволил да му биде издаден. На тоа оштетениот започнал да му пишува заканувачки пораки на Вибер, инсистирајќи тикетот да му биде издаден.
Откако осомничениот не му го одобрил, оштетениот дошол во неговата куќа и влегол во дворот каде што седеле осомничениот и неговата девојка и започнал да вика и да се расправа, па тргнал накај него и физички да го нападне.
Во тој момент осомничениот зел кујнски нож од масата и му нанел убодна рана во предел на абдоменот, по што оштетениот му го одзел ножот, избегал на улицата и со возило на лица кои ги сретнал на улицата веднаш бил пренесен во болница.
Бидејќи од описот на начинот на кој било извршено делото, наведен во кривичната пријава, произлегува можност во конкретниот случај да има елементи и на Убиство на миг, нужна одбрана, пречекорување на нужната одбрана и слично, што ќе се утврдува по прибавување на сите неопходни докази, јавниот обвинител до Основниот суд во Куманово не достави предлог за определување мерка притвор туку мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, повремено јавување кај службено лице во Судот, како и забрана за воспоставување и одржување контакт со оштетениот и со девојката која била сведок на настанот додека таа не даде исказ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кој да ја плати сметката-тепачка во скопска кафеана
Синоќа околу 21.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Н.(34), С.А.(46) и С.С.(54), тројцата од Скопје и Б.Ј.(34) од Крива Паланка.
Тие се сомничат дека околу 19.40 часот со уште неколку лица, во и пред угостителскиот објект, поради недоразбирање околу плаќање на сметка во објектот, физички ги нападнале В.Р.(45), Ј.Д.(44) и Б.П.(40), сите од Скопје.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Скопјанки се степале на паркинг поради недоразбирање во сообраќајот
Вчера околу 08.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Т.Д.(53) и Х.П.(51), двете од Скопје.
Според полицијата, по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Охриѓанец измамен поради биткоини за сума од над 700.000 денари
На 26.11.2024 во 11.00 часот во СВР Охрид, 54– годишник од Охрид пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 730.000 денари.
Според пријавеното, лицето му се јавило на 15.11.2024 и се претставило како претставник на фирма која работи со биткоини и дека е добитник на 15.000 долари како нивен корисник, а потоа му кажало дека за да ги подигне ќе треба да инсталира апликација преку која ќе се изврши наплатата, но дека прво ќе треба да изврши уплата на одредена сума на пари.
Како што е пријавено, во два наврати тој ги уплатил парите, за што подигнал и брз кредит од финансиско друштво.
Исто така, според пријавеното, на 24.11.2024 им пишал на нивната електронска адреса со барање за информација кога ќе ги добие парите, а откако го известиле дека биле заглавени во Народна банка, пишал и на официјалната електронска адреса на банката, од каде што добил известување дека тие не се нивни уплатници и дека најверојатно се работи за измама.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.