Топ
Автомобил излета од автопатот Скопје – Куманово, тешко повредени жена и дете

Две лица се повредени во сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот Скопје – Куманово, во атарот на с. Долно Количани.
Несреќата се случила кога автомобил „опел“, со бугарски национални ознаки, управувано од О. Ц. (43) од Штип, излетало од коловозот.
Во несреќата тешки телесни повреди добила малолетна сопатничка, а телесни повреди добила уште една сопатничка С. Ц. (42), двете од Штип, констатирани во Клиничката болница во Штип.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Се задушил од запалена плинска боца: пронајден починат маж во Кавадарци

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожар во урбана средина бил трагичен за повозрасно лице во Кавадарци.
Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Велес, ја пренесуваат информацијата од ТППЕ Кавадарци дека од 09.24 до 10.10 часот со 2 пожарникара и 1 ПП возило гаснеле запалена плинска боца во куќа на ул. „Страшо Пинџур“ бр. 37 во Кавадарци, при што на местото на пожарот било пронајдено машко повозрасно лице кое најверојатно се задушило.
Присутни биле и екипи на итна медицинска помош кои констатирале смрт на лицето со возраст од 78 години.
Македонија
Историја без Албанци-Новата програма за седмо одделение ги исклучува од учебниците, реагираат од ДУИ

Новата програма на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение претставува сериозен чекор назад и длабока навреда за Албанците во оваа земја, оценува ДУИ.
Овој документ, кој служи како основа за подготовка на учебниците, според партијата на Ахмети, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.
Додаваат дека во претходната програма, подготвена од претходната влада, јасно билоо наведено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ и на другите народи што живеат во државата.
„Се поттикнуваше свесноста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.
Во новата програма, сите овие содржини се избришани без никакво објаснување. Нема ниту еден збор за Албанците, ниту за нивната улога во историјата, културата или општеството.
Ова не е техничка измена – ова е политичка порака. Намерна одлука историјата да се прикаже како дело на еден народ, државата како едноетничка, а Албанците како да не постојат.
Ваквиот пристап не само што ги исклучува учениците Албанци од учебниците, туку создава чувство на отфрленост и неправда кај цели генерации“, велат од ДУИ.
Оценуваат дека историја и општество не можат да се изучуваат без еден од најважните народи што го сочинуваат оваа држава.
Според нив, програмата не само што ја ускратува можноста учениците Албанци да се препознаат себеси, туку директно ја поткопува идејата за соживот, еднаквост и взаемна почит.
Ги повикуваат надлежните институции да ја повлечат оваа како што ја нарекуваат еднострана и исклучувачка програма и да се вратат на пристап што ќе го одразува вистинскиот историски и општествен мозаик на Република Северна Македонија.
„Албанците не се невидливи – не во минатото, не во сегашноста, и не смеат да бидат исклучени од ниту една страница на нашата заедничка историја“, нагласуваат од ДУИ.
Македонија
(Видео) Автомобил влече врзан коњ низ Скопје: полицијата го идентификуваше возачот

МВР го идентификуваше возачот на автомобилот кој влечеше врзан коњ во Скопје по вчерашното видео на кое реагираа граѓаните.
Во врска со видеото кое вчера (17.04.2025) беше споделено на дел од социјалните медиуми на кое се гледа како лице кое управува патничко возило „голф“ со скопски регистарски ознаки има врзано коњ за куката од возилото и така се движи низ градското подрачје, од страна на полициски службеници од СВР Скопје беа преземени мерки и активности со цел утврдување и документирање на сторител на кривично дело „мачење на животни“ предвидено и казниво по член 233 од Кривичниот законик.
Информираат дека по сите преземени мерки и дејствија, СВР Скопје го утврдил возачот на возилото, при што со него бил извршен службен разговор и известен е јавен обвинител, по чии насоки ќе биде изготвено известување до ОЈО Скопје со целокупниот документиран материјал, со цел понатамошно постапување.