Топ
Автомобил удри во патарина кај Куманово, загина возачот

Возач загина кога автомобилот удрил во столб од наплатната станица „Романовце“.
Несреќата, како што информираа од СВР Куманово, се случила доцна синоќа околу 3.30 часот.
„На автопатот Скопје-Куманово, патничко возило ‘фолксваген голф’, со скопски регистарски ознаки, удрило во столб на наплатната станица, при што настанал пожар на возилото. Притоа на самото место починал возачот, а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош“, соопшти полицијата.
Пожарот е изгаснат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски порача дека невработеноста паѓа, а економијата оди напред

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ порача дека најновите податоци ја потврдуваат економската стабилизација и растот кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година.
„Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина“, нагласи премиерот.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот пораснал за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти.
„Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти. Вкупната трговска размена во првите седум месеци е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани“, додаде тој.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот во својата објава.
Македонија
Илиевски: Дали за торба пари Мицкоски продаде државни тајни?

Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, денес одржа прес-конференција на која ја истакна загриженоста на партијата за одбивањето на Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, да ја дексласифицираат документацијата која би требала да го потврди случајот со наводното следење на Мицкоски.
„Веќе втора недела Мицкоски и Христовски одбиваат да откријат информации кои се клучни за довербата на граѓаните во државните институции. Наместо да ја обезбедат транспарентноста, власта прави се за да ја саботира работата на надзорната комисија“, рече Илиевски.
Според него, вчерашната седница на надзорната комисија, која требаше да ја следи работата на АНБ и АР, мистериозно била откажана и покрај итноста потенцирана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се поставуваат сериозни прашања: Дали Мицкоски се плаши од содржината на овие документи? Дали тие покажуваат врски со странски служби од непријателски држави? Дали дел од финансиските средства кои пристигнале од странство завршиле кај него лично или во Белата Палата?“, праша Илиевски.
Потпретседателот на СДСМ додаде дека основната цел на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање е да ја штитат државата од странски и домашни закани, а обвинувањата упатуваат на можна злоупотреба на државниот апарат.
„Дали Мицкоски за торби пари ги продал интересите на сопствената држава на странски непријателски држави? Ова не е само прашање за политички дебата, туку прашање на национална безбедност“, нагласи Илиевски.
СДСМ уште еднаш јавно ја повика власта да ја дексласифицира документацијата и да овозможи целосна транспарентност, за да се спречат какви било сомнителни операции кои ја загрозуваат државата.
Македонија
СДСМ призна дека ги прислушкувал Мицкоски, новинари и бизнисмени, вели Петрушевски

СДСМ призна дека го прислушкувал и го следел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Претеникот Бране Петрушевски истакна дека ова признание открива целосно злоупотребување на државниот апарат за политички цели.
„СДСМ прво тврдеше дека не прислушкувале и не следеле никого, а сега, преку ова признавање, се обидуваат да ја свртат приказната за 180 степени со глупи тези за наводната содржина на материјалите“, изјави Петрушевски.
Според него, признанието на СДСМ ги потврдува двете клучни точки:
– „Прво, го следеле и прислушкувале претседателот Мицкоски.“
– „Второ, иако прислушкувале пет години, велат дека не нашле ништо спорно или противзаконски. Доколку нешто било спорно, велат, ќе отвореле постапка одамна“.
„Со ова, СДСМ го дава најголемиот доказ дека целиот државен апарат бил ставен во функција за тие да опстанат што подолго на власт“, рече Петрушевски.
Тој додаде дека Јавното обвинителство не смее да молчи.
„Очекуваме веднаш акција и разрешница. Нема време за одлагање кога станува збор за ваква злоупотреба на институциите“, истакна пратеникот.
Петрушевски нагласи дека ваквиот скандал не смее да остане неказнет, и дека граѓаните очекуваат одговорност од сите кои учествувале во прислушкувањето.