Топ
Албански државјанин им дал мито на полицајците, кои во неговиот камион пронајдоа дрога вредна 200.000 евра
Албанскиот државјанин кој вчера беше фатен со голема количина дрога во камион со приколка на патот Прилеп-Градско, претходно им понудил мито од 400 денари на полицајците, за да не вршат претрес во неговото возило. Проценетата вредност на дрогата, што била пронајдена во камионот е околу 200.000 евра.
Судот на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
„ Осомничениот на 10 јуни 2021 година, околу 1:00 часот,на патниот правец Прилеп – Градско, додека управувал со возило бил запрен од сообраќајна контрола и му била побарана документација за товарното моторно возило МАН на кое имало прикачено полуприколка. Подавајќи ја документацијата кон полициските службеници, осомничениот ставил парични средства во износ од 400 денари, за полицајците да не извршат службено дејствие што би морале да го извршат. Откако службените лица ги вратиле парите и го предупредиле дека со тоа дејствие врши кривично дело давање поткуп, осомничениот повторно ги ставил паричните средства во документацијата и ги дал на полицајците за да не извршат преглед на возилото и полуприколката прикачена кон него“ соопшти обвинителството.
При извршениот преглед на возилото, службените лица во полуприколката пронашле наркотична дрога – марихуана, во количина од 48,063 кг спакувана во две патни торби со вкупно 49 полиетиленски паковки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таткото на едно од девојчињата загинати со „Пулс“ објави видео од нејзиното последно излегување од дома
Александар Наунов, таткото на трагично загинатата Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели видео од нејзиното последно заминување од дома — момент кој, како што напиша, засекогаш му го променил животот.
„Последното затворање на вратата
Тоа беше обично затворање на врата…
Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.
Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,
а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,
заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.
Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,
јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.
Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,
наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.
Помина време, но не и мојата болка.
Надица, ти остана вечна во моето срце,
во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.
Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.
И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша Наунов.
Потресната порака на таткото ја проследи со видеоснимка направена неколку часа пред трагедијата, на која неговата ќерка се гледа како заминува од домот со насмевка.
Македонија
Јаневска: Следната година нема „прогледување низ прсти“ ако директорите не нарачаат учебници на време
Директорите на училиштата треба многу сериозно да си ја сфатат работата дека се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Оваа година „прогледав низ прсти“, следната година нема да прогледуваме низ прсти затоа што има систем, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска која повторно, одговарајќи на новинарски прашања во врска со недостигот на учебници во некои училишта, порача дека директорите треба да го почитуваат упатството и правилникот за нарачување учебници во МОН.
Пред почетокот на панел-дискусија во Тетово, во рамки на кампањата на МОН „Магијата е во знаењето“, Јаневска кажа дека проблемот со учебниците е системски решен, укажувајќи дека одговорноста е на директорите на училиштата доколку не побараат доволен број учебници. Посочи дека се обезбедени средства, нови наставни програми и дека се печатат и нови учебници, па фали, како што рече, „само добрата поврзаност меѓу институциите и нивна функционалност“, посочувајќи ги и училиштата.
-Училиштата се дел од системот, директорите на училиштата се исто така дел од системот. Како што Министерството, Бирото, ДИЦ и сите други институции веќе многу сериозно си ја сфаќаат работата, така и менаџерите на училиштата ќе треба многу сериозно да си ја сфатат работата. Оваа година многу слободно ќе кажам, „прогледав низ прсти“. Следната година нема да прогледуваме низ прсти. Има систем, има упатство, има правилник. Директорите се должни да ги почитуваат законите и да си ги нарачаат учебниците. Зошто повторувам? Ако тие тоа не го направат, јас немам можност да им обезбедам дополнителна учебници. Затоа, отсега натаму ако нема учебници, обраќајте се на директорите, не на министерството, одговори Весна Јаневска.
На новинарско прашање дека наставници добиваат договори на дело па се уценувани од политички партии за учество во изборни кампањи пред да добијат решение за вработување на неопределено време, министерката не се согласи и рече дека не е исто како порано.
-Да, свесна сум дека се случувале такви нешта. Апсолутно сум против тоа, апсолутно нема оправдување. Во образованието треба да влезат најквалитетните наставници. Тие коишто се мотивирани да работат со деца затоа што тоа и не е лесна работа. Законот и не е така лош доколку не би се злоупотребувал. Ќе следува и нов закон за наставници, истакна Јаневска.
Таа посочи дека од тој аспект се повеќе се преземат иницијативи за оптимизација на училишната мрежа. За разлика од минатата година кога имало 150 училишта кои работеле во една смена, сега има 200 училишта кои работат така.
-Но, повторно велам, има уште еден податок кој мора да го имаме предвид – дека бројот на ученици е намален и директорите и раководствата на училиштата, вклучувајќи го и министерството, треба да водиме сметка за тоа како се вработуваат наставниците. А бидејќи како министерство и Влада сме направиле проекција за тоа како да ги заштитиме наставниците со додатна настава, дополнителна настава, клубови, изборни предмети, општествено корисна работа. Директорите треба да си се организираат и во оваа концепција да ги најдат часовите на наставниците. Јас веќе пет години зборувам на оваа тема. Тоа исто така во Македонија ќе мора да се спроведе ако сакаме подобар квалитет и ако сме чесни сами кон себе, сите треба да сме свесни за тоа што мора. Некаде нешто можеби и не мора, но ова мора да се направи. За да постигнеме успех, затоа што си ги застапуваме децата, а кога ги ускратуваме децата си ја осакатуваат државата, рече министерката.
Во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, во Тетово денеска беше организирана третата панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“. Претходно, панел-дискусии се одржаа во Скопје и Прилеп како дел од кампањата на МОН чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.
Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.

