Топ
Бела прашката материја пронајдена кај полицаец кој обезбедувал државна вила во Охрид, не дозволил нарко тест

На 29.03.2024 вработени во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР извршиле контрола на работното место на полицискиот службеник А.М. од Полициската станица Охрид, обезбедување на вила Бела, сопственост на Министерството за внатрешни работи. Притоа, на работната маса во стражарската куќа биле пронајдени бела прашкаста материја, шише исполнето со течност и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја. После тоа, А.М. одбил да соработува и не дозволил да му биде извршено испитување за присуство на метаболити од наркотични средства во урината во Институтот за судска медицина во Скопје, извести МВР.
„Исто така, при контролата било констатирано дека А.М. ја преземал смената од С.Т. без да извршат примопредавање, при што С.Т. во објектот го оставил своето формациско оружје со полна рамка со муниција и останата службена опрема за обезбедување на објектот, оставајќи го клучот од просторијата во близина на објектот.
Против А.М., Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 став 1 точка 10 од Колективниот договор на МВР и ќе бидат изречени задолжителни мерки за отстранување од работно место поради оневозможување на утврдување на одговорност за повреда на работните обврски по член 214 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР.
Против С.Т., Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 став 1 точка 10 од Колективниот договор.
Исто така, во врска со настанот и по негово целосно документирање, против полицискиот службеник А.М., СВР Охрид ќе поднесе соодветна кривична пријава“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР го објави регистарот на напади врз новинари

Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница постави линк до регистарот на напади врз новинари кој води до страницата на Здружението на новинари на Македонија каде е објавен регистарот. Овој регистар прикажува случаи на повреди на правата на новинари — со детали за видот на нападот, локацијата, статусот на пријавата и постапката.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и во изминативе години интензивно се работи на ова поле, а видливи се и резултатите од ваквата посветеност. Меѓу другото, беше одредена и контакт-точка, што многу придонесе за побрзо и поефикасно расчистување на случаите што се поврзани со новинарите. Се разбира, во координација со ЗНМ, Министерството за внатрешни работи продолжува да работи на ова поле“, велат од МВР.
Од таму информираат дека формирањето на националниот комитет за заштита на новинари претставува меѓуресорско тело комбинација од владини институции и невладини организации меѓудругото поврзани во новинарската фела. Процесот на формирање е во тек и по неговото финализирање една од примарните задачи ќе биде носењето на Национален акциски план за заштита на новинарите. Ова е процес кој се спроведува во рамки на кампањата на Советот на Европа Safety of Journalists, во координација со националната контакт точка.
Од МВР велат дека координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите кои се однесуваат на новинарите.
„Ваквата соработка треба да продолжи и во наредниот период со цел понатамошно ефикасно расчистување на било каков случај на напад врз медиумски работник. Водејќи се од мотото „Секогаш може подобро“, полицијата, обвинителството и новинарските организации во голема мера во блиска иднина ќе ја зголемат и подобрат веќе постоечката висока меѓусебната соработка“, велат од Министерството.
МВР апелира до сите новинари доколку се соочат со закани, вербални или физички напади, или друг вид на притисок, веднаш да ги пријават случаите. Министерството за внатрешни работи е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста за слободно информирање.
Свет
Трамп бара универзитетите да го ограничат запишувањето на странски студенти ако сакаат федерални пари

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп побара од американските универзитети да потпишат договор што ги содржи условите за добивање преференцијален пристап до федералните средства, објави вчера „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на меморандум од 10 точки.
Документот ги повикува универзитетите да забранат афирмативна акција врз основа на раса или пол при вработување или запишување студенти, да ја замрзнат школарината пет години, да го ограничат запишувањето на странски студенти на додипломски студии на не повеќе од 15 проценти и да ја ограничат инфлацијата на оценките.
Откако повторно ја презеде Белата куќа, Трамп се закани дека ќе го прекине финансирањето на универзитетите поради конфликти околу низа прашања, вклучувајќи пропалестински протести на кампусите, трансродови политики, климатски иницијативи, програми за разновидност, еднаквост и друго.
Овој потег предизвика загриженост кај застапниците на човековите права во врска со слободата на говорот и академската слобода. Тие предупредуваат дека тоа е обид универзитетите да се потчинат на политичката агенда на републиканскиот претседател. Од друга страна, Трамп тврди дека универзитетите имаат „антиамерикански вредности“.
Според „Волстрит џурнал“, таков договор досега е испратен до девет универзитети: Вандербилт, Дартмут, Пенсилванија, Јужна Калифорнија, МИТ, Тексас, Аризона, Вирџинија и Универзитетот Браун. Доколку го потпишат, им се нудат „бројни бенефиции“, вклучително и „значајна федерална поддршка“.
Високата советничка на Белата куќа, Меј Мејлман, им изјави на новинарите дека администрацијата на Трамп очекува универзитетите да ја сметаат понудата за „разумна“.
Фото: ЕПА
Свет
Израелски министер: Палестинците кои ќе останат во градот Газа ќе се сметаат за терористи

Израелската влада им нареди на сите преостанати Палестинци да го напуштат градот Газа. Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, рече дека тоа е нивна „последна шанса“ и дека секој што ќе остане ќе се смета за поддржувач на милитантите и ќе се соочи со „целата сила“ на најновата офанзива на Израел.
Околу 400.000 Палестинци избегаа од погодениот од глад град Газа откако Израел започна голема офанзива за да го окупира минатиот месец. Но, стотици илјади сè уште остануваат, објавува „Асошиејтед Прес“, многумина затоа што не можат да си дозволат да заминат или се премногу слаби за да го направат патувањето до шаторските кампови на југ.
„Ова е последна шанса за жителите на Газа кои сакаат да одат на југ. Оние што ќе останат во Газа ќе бидат (сметани) за терористи и поддржувачи на теророт“, објави Кац на X.
Патот кон југ беше блокиран додека Палестинците бегаа, со камиони и автомобили набрзина натоварени со луѓе.
„Заминавме боси“, рече Хусеин ал-Дел. Израелците „удираа неселективно, без милост кон никого“.
„Ја оставивме зад себе нашата храна, нашиот мебел, нашите ќебиња и сè друго. Ги зедовме само нашите души со нас“.
Фото:ЕПА