Топ
(Видео) Пронајдени дрога и оружје во бункери во Сингелиќ
Поголема количина хероин и кокаин и два пиштола се откриени во полициска акција во Сингелиќ, Скопје. Дрогата била скриена во бункери, а приведено е едно лице.
Според информациите на МВР, вчера полицијата извршила претрес во дом и други простории на Е.М. (27) од Сингелиќ, Скопје, за кој имало сознанија дека се занимава со купопродажба на хероин и кокаин на подрачјето на Скопје и во градови во источниот дел од државата.
При претресот во специјално направени бункери се пронајдени околу четири и пол килограми хероин, спакувани во повеќе пакувања со разна големина и околу еден килограм кокаин, исто така распределен во повеќе пакувања, наменети за продажба.
При претресот се пронајдени и два пиштола со речиси 200 куршуми. Е. М. е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.
Министерството за внатрешни работи најави дека ќе продолжи со континуирани активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце продолжува со скандалозни назначувања, партиски кадар со криминално досие на чело на Зоолошката, велат од Левицата
Левица предупредува дека најавите за ново раководство во Зоолошката градина во Скопје претставуваат уште еден алармантен пример за тоа како градската власт ја сфаќа одговорноста кон јавните институции – како партиски ресурс, коалициски плен, места за негување на хирови и амбиции на партиски кадри.
„Откако за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ градоначалникот Ѓорѓиевски назначи лице кое ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвинуваше за сериозни злоупотреби, сега оди чекор подалеку, со намера на чело на Зоолошката градина да постави лице осудувано за кривично дело поврзано со животни.
Наместо транспарентна постапка, стручност и интегритет, сведочиме на обид за инсталирање лице со сериозно контроверзно минато на чело на установа која со години е симбол на негрижа, скандали и трагични последици по животните. Фактот дека станува збор за поранешен партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, со судски утврдени дејствија поврзани со измама со животни, отвора сериозни прашања за моралниот и етичкиот компас на градската власт, но и за мотивите зад ваквото назначување“.
Според оваа партија, по сите угинувања, извештаи за лоши услови, институционален хаос и целосна загуба на доверба кај јавноста, Зоолошката градина, како што додаваат, има потреба од радикална професионализација, „а не од политичка рехабилитација на кадри како Стево Ќирков (Стефан Кирков) со дамки во биографијата.
Согласно информациите, лицето Стево Ќирков неодамна било осудено на условна казна за измама со животни, односно за тоа што измамувал граѓани продавајќи им кучиња за 600 евра, без да им обезбеди педигре, иако претходно тоа било ветено. Во самата пресуда, врз основа на сведоштва се наведува дека истото лице било познато и по други слични измами на повеќе лица. Дополнително, во 2021 година Ќирков одлежува и три месеци затвор поради непокриени трошоци во друга судска постапка“.
Прашуваат, дали против ова лице моментоално се води и друга истрага за кривично дело.
Бараат итно преиспитување на оваа намера од страна на Ѓорѓиевски.
„Јавниот интерес, безбедноста и благосостојбата на животните мора да бидат над партиските калкулации и амбициите на партиските другари“.
Македонија
Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, доставил документи за влошена здравствена состојба
Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.
„Со оглед што тој доброволно се пријавил на органите на прогонот и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која тој има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.
Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.
„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.
Топ
Кривични пријави за измама и давање лажен исказ: изготвиле фактури иако знаеле дека договорите за превоз на ученици во Тетово биле истечени
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.З.(46) од Тетово и против правно лице –транспортно претпријатие од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и „давање лажен исказ“.
Во текот на септември и октомври 2024 година, пријавените, иако знаеле дека договорот за превоз на редовни ученици, склучен помеѓу пријавените и средно училиште бил истечен, без правен основ изготвиле фактури во износ од 15.034.110 денари за двата месеци и ги доставиле до надлежните служби на училиштето со намера да биде извршена наплата. Пријавените не успеале да ги доведат во заблуда надлежните во училиштето, по што на нотар дале лажен исказ и ги доставиле фактурите со барање да изготви предлог решение за нотарски платен налог, кое било донесено од нотарот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ќ.Ф.(59) од с.Шемшово и правно лице од с.Шемшево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „давање лажен исказ“. Во текот на септември и октомври 2024, пријавените, иако знаеле дека договорот за превоз на редовни ученици склучен помеѓу пријавените и средно училиште во Тетово бил истечен, на 10.06.2025 без правен основ, изготвиле фактури за 09-ти и 10-ти месец 2024 во вкупен износ од 2.152.447 денари, а потоа ги доставиле до надлежните служби на наведеното училиште, со намера да ги доведат во заблуда и да биде извршена наплата на доставените фактури.
Пријавените кај нотар дале лажен исказ, барајќи да изготви предлог решение за нотарски платен налог.

