Топ
(Видео) Запленети околу 300 килограми марихуана, приведен маж од Бутел
Единица за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје, како што посочија од полицијата, извршила претрес во домот на 30-годишнот скопјанец Х.Е.
Претресот на неговиот дом, кој се наоѓа во општина Бутел, бил извршен по претходно добиени сознанија од преземени мерки и активности, а врз основа на судска наредба.
При претресот, како што информираа од полицијата, биле пронајдени 229 кеси со марихуана со вкупна тежина од околу 300 килограми. Х.Е. е приведен, а марихуаната е предадена за вештачење и мерење, додаваат од МВР.
Против уапсениот скопјанец, посочија од полицијата, ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ предвидено во член 215 став 1 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јавните средства под јавен надзор, ниту еден проект не е веќе некаде таму скриен – Мицкоски ја промовираше новата платформа
Премиерот, Христијан Мицкоски, денес ја промовираше новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата, оценувајќи дека алатката претставува чекор напред во политичката култура, модерното управување и транспарентноста.
Мицкоски истакна дека платформата овозможува секој граѓанин, општина, новинар и претставник на граѓанскиот сектор во реално време да го следи текот на проектите што ги финансира Владата. Според него, со ова се воспоставува нова рамка на доверба во која јавноста има директен увид во потрошувачката на јавните средства.
Тој нагласи дека транспарентноста е суштинско демократско правило и одговор на дезинформациите, оценувајќи дека платформата е политичка порака дека Владата работи чесно и во интерес на граѓаните. Мицкоски посочи дека медиумите добиваат моќен алат за следење на секоја фаза од реализацијата на проектите.
„Ниту еден проект веќе не е некаде таму, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, рече премиерот
Премиерот ги презентираше и резултатите од јавните повици за финансирање. Преку првиот повик се опфатени 288 проекти во вредност од речиси 4,6 милијарди денари. Според Мицкоски, сите проекти се започнати, за сите се склучени договори, 193 се завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште шест проекти тендерската постапка е завршена.
Тој истакна дека проектите опфаќаат инфраструктура, животна средина, спорт, култура и образование, нагласувајќи дека тоа значи подобри услуги и подобар квалитет на живот.
Премиерот се осврна и на вториот јавен повик финансиран преку унгарскиот кредит, во кој се опфатени 828 проекти со вредност од 13,8 милијарди денари. Според него, над 50 од нив се завршени или во завршна фаза, а за повеќе од 500 се потпишани договори.
Мицкоски рече дека Владата работи транспарентно и современо, дека јавните средства се под јавен надзор и дека платформата воспоставува нова култура на владеење во која секоја информација е достапна и секое ветување е проверливо. Тој порача дека ова е следната фаза на институционална зрелост, каде резултатите се одговор на јавните очекувања.
Македонија
(Видео) Мајка на загинато дете од „Пулс“: 63 сенки ќе ги следат обвинетите засекогаш, контрадикторно е што никој не се изјасни за виновен
Пред судот денес зборуваше Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, која реагираше на однесувањето на обвинетите на минатото рочиште.
„Шеесет и три убиени деца. 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто се наоѓаат во судницата“, изјави Златкова.
Таа додаде дека ниту еден од обвинетите не покажал каење: „Никој од нив немаше ни грам совест и човечност да ја признае својата вина. Ниту монструмот, ни син му, не покажа човечност.“
Златкова порача дека родителите очекуваат правда за сите загинати деца: „63 не е бројка, ниту статистика. Тоа се млади убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш“, рече.
Изрази надеж дека семејствата ќе ја добијат правдата, оти, како што рече, овие деца заслужуваат правда.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжи денес со воведните зборови на одбраната.
Адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов двапати повтори дека тој не е монструм туку човек, кажа дека вината за пожарот е кај групата „ДНК“ кои без да пријават донеле и употребиле пиротехника и најави дека ќе докаже дека Јованов нема вина за непреземени безбеднсни мерки во дискотеката, не бил свесен за нив оти ниту една од институциите не му забележала и не му предочила дека има непреземени мерки.
Адвокатката на Јованов кажа и дека единствено нешто за кое може тој да одговара е небрежност, но не и умисла.
Таа го застапува и неговиот син Михаил, за кога кажа дека нема никаква вина.
Македонија
Адем Чучуљ ја презеде претседателската функција на антикорупциската комисија
Новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Тој најави дека заедно со својот тим ќе бара интегритет, одговорност и транспарентност од сите институции.

„За мене, претставува, пред сѐ, чест да бидам претседател на институцијата од која потекнувам, во која израснав како професионалец. Истовремено е голема одговорност имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува и Комисијата и државата на полето на борбата против корупцијата. Во таа насока како претседател на ДКСК ќе се залагам за транспарентна работа на институцијата, но и како тим ќе бараме одговорност и транспарентност од сите институции“, изјави Чучуљ.

