Топ
(Видео) Приведен стружанец, организатор на меѓународна криминална група за шверц со наркотици
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги, Единица за недозволена трговија со дрога заедно со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во директна соработка и размена на докази со Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија, а во координација и со американската ДЕА, по едногодишна истрага, во Струга го лиши од слобода И.Р.(27) од Струга, со македонско-австралиско државјанство, за кого постојат основи на сомнение дека е координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија, користејќи софистициран начин на комуникација, преку енкриптирани телефонски уреди и договарање на зделките со дрога.
Во текот на оваа меѓународна операција во Австралија лишени се од слобода 13 лица кои биле припадници на криминални групи поврзани со групата која ја координирал И.Р., при што била запленета голема количина наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари, како и голем износ на парични средства.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија со дрога оваа операција ја спроведе заедно со Секторите за прикриени операции и меѓународна полициска соработка и Специјалната антитерористичка единица Тигар. За време на претресите кај И.Р. во Струга беа пронајдени повеќе предмети за кои постои сомнение дека се користени при извршување на кривичните дела „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл. 215 став 1 и „Злосторничко здружување“ по чл.394 ст.1 од Кривичниот законик.
Лицето е приведено и против него е поднесена кривична пријава до ОЈО за ГОКК за наведените кривични дела, а од страна на Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје одредена му е мерка притвор во времетраење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
За да нема операции со врски Алиу воведе нов електронски систем: болниците лани направиле 34.862 операции кои не ги завеле во „Мој термин“
Министерот за здравство Азир Алиу денес промовираше електронски систем за евиденција на операциите во сите јавни здравствени установи во земјава. Листата на закажани операции од денес е јавно достапна и граѓаните отсега ќе знаат точно колку луѓе за операција има пред нив во секоја болница и кај секој хирург.
Целта на новиот систем е секој пациент да ја добие потребната услуга на принципот прв дојден, прв услужен. Министерот Алиу кажа дека лекарите досега имаа обврска операциите да ги евидентираат во системот „Мој термин“ со издавање упат за операција, но анализата на состојбата во 2025 година покажала дека лекарите во овој систем завеле 34.862 операции помалку отколку што направиле во болниците. Анализата покажа дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција туку пред самата интервенција, дека некои болници и лекарите користат друг тип на упат, конзервативен третман, за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма и дека листите на чекање не се редовно прочистувани и тоа создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите.
„Резултатот од анализата направена за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати кој бил 58.648, податок земен од системот ‘Мој термин’ и реализирани операции 93.510, податок добиен од установите што ние како Министерство го побаравме. Тоа укажува на непочитување на законската регулатива. Со новиот електронски систем идејата е прво транспарентност, да знае секој од нас колкава е листата на чекање во одредена институција, одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не се случуваше бидејќи, прво, не се синхронизирани системите, а второ, листата на чекање е во хартиена форма. Ако транспарентноста не е голема, може да има злоупотреби во самиот систем. Ние како граѓани веќе ќе знаеме во која институција, кај кој доктор колкава е листата на чекање. Со тоа автоматски ќе знаеме кога сме ние на ред“, објасни министерот Алиу.
Итните случаи ќе бидат веднаш оперирани и нема да се најдат на листата за чекање, а секој пациент кој што ќе одлучи опрерацијата да ја направи приватно, за што министерот Алиу вели дека е право на секој граѓанин, автоматски нема да биде дел од овој систем. во кој податоците ќе се ажурираат на 24 саати.
Алиу очекува со новиот систем значително да се намали бројот на операции со врски.
„ Со ова ќе може да се намали, не сум сигурен дека ќе може да се отстрани целосно тој момент ‘знам некого па да одам пред листата на чекање’. Ние работиме на креативни решенија и понатаму, но ова ни беше многу битно и мора да почнеме од некаде. Огромна е разликата меѓу упат и здравствена услуга и се надевам дека ќе биде помала после овој портал“, вели министерот Алиу.
Тој нагласи дека со новиот портал достапен за граѓаните на https://operacii.zdravstvo.gov.mk/ првпат Министерството воспоставува ред и јасен протокол за закажаните операции.
До јавните здравствени установи кои вршат хируршки интервенции веќе се испратени поединечни известувања со податоци од спроведената анализа и поединечно им е посочено дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции, со бројот на реализирани упати за операција во системот „Мој термин“.
Македонија
По протестите за „Безбеден град“, Мицкоски најави жесток одговор за секој кој го прекршил законот
Премиерот Христијан Мицкоски побарал да биде санкциониран секој што јавно упатувал закани и го загрозувал мирот и безбедноста, по вчерашните протести за „Безбеден град“.
Утрово, премиерот разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал од него соодветна реакција за секое прекршување на законот.
„Она што го побарав од него е кон секој оној што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера на неколку локации во државата беа блокирани патни правци, при што граѓани палеа гуми на коловозите и протестираа, изразувајќи незадоволство од измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила. Жители на повеќе ромски населби низ Македонија тврдат дека се дискриминирани, наведувајќи дека дел од нив немаат завршено образование и поради тоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.

