Топ
(Видео) Спасовски: МВР вчера заплени 1,6 тони дрога во вредност од 3,2 милиони евра
Во текот на вчерашниот ден во две големи акции на МВР за сузбивање на шверц со дрога, на две различни локации во државата, на подрачјата на СВР Струмица и на СВР Битола – ОВР Ресен, запленивме 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра., информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Првата акција, како што објасни Спасовски, била реализирана од страна на полициски службеници од СВР Струмица заедно со Единицата за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност во содејство со членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.
„Притоа, извршена е контрола во правно лице во Струмица, регистрирано за одгледување канабис за медицински цели. Поради констатирани неправилности во работењето на правниот субјект, запленета е непријавена марихуана во вредност од околу 3 милиони евра, со вкупна тежина од над еден и пол тон. Или, попрецизно 1.559,27 килограми, од која 1.041,50 килограми сув цвет, 223,57 килограми сув лист и 294,30 килограми био маса, што е спротивно на член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. За случајот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти Спасовски.
Дополни дека речиси истовремено, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Ресен при СВР Битола, на патот Охрид – Ресен, кај с.Јанковец, извршиле преглед на патничко возило „шкода октавија“, со струмички регистарски ознаки, управувано од К.М.(38) од с.Сачево, Струмичко, во кое како сопатник се наоѓал М.Т.(48) од Струмица и во претрес по наредба на Основен суд Ресен, биле пронајдени три торби со марихуана во вкупна вредност од околу 200.000 евра и тежина од околу 50 килограми. Двете лица, како што соопшти првиот човек во полицијата, се лишени од слобода и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава до Основното јавно обвинителство Битола, поради постоење на основи на сомневање дека извршиле кривично дело член 215 од Кривичниот законик.
„Значи, само во еден ден македонската полиција заплени 1 тон и 600 кг наркотична дрога во вредност од 3 милиони и 200 илјади евра. Ова е уште еден показател дека бескомпромисната борба со криминалот и сузбивањето на шверцот со наркотици продолжува со засилено темпо“, нагласи Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.

