Топ
Возач почина за време на пробна автомобилска трка, му се слошило и излетал од патеката
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/09/MVR-policija-policisko-vozilo-noke.jpg)
Педесет и осумгодишен скопјанец почина за време на одржување на пробни автомобилски трки на патеката на поранешен воен полигон до касарната во Кичево.
Според пријавеното, нему му се слошило поради што излетал од патеката.
Екипа од Итна медицинска помош констатирала смрт, а увид на местото извршила екипа од Полициската станица Кичево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
МНР на Бугарија со длабоко разочарување: Изјавите на Мицкоски ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/bugarija-mnr.jpg)
Министерството за надворешни работи на Бугарија, се огласи по повод изјавите на премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека „нема потреба да се внесуваат Бугарите во Уставот“.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го изразува своето длабоко разочарување и категорично ги осудува неодамнешните изјави на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Христијан Мицкоски. Овие изјави не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција.
Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, велат оттаму и додаваат:
„Исто така, сакаме да го посочиме фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, соопштија од бугарското МНР.
Македонија
Мицкоски: Коцевски не ја оправда довербата, доблесно ќе биде да се повлече
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/04022025_Mickoski_pres_2.jpg)
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарското прашање за разрешување на Државниот јавен обвинител, истакна дека Љупчо Коцевски, имал доволно можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, меѓутоа, како што рече довербата не ја оправдал.
„Па, не би го коментирал него повеќе, јасно кажа Владата. Имаше тој, доволно можност да се размрда, да се покаже како бескомпромисен борец за правда и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал. Но, очигледно, дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина. Така што мислам дека имаше тој доволно време да покаже, за жал, таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи и дека чесно и доблесно би било Државниот јавен обвинител самиот да се повлече, со цел да се избере обвинител кој ќе работи против криминалот и корупцијата во државата.
„Денеска бев во Парламентот, тој процес се започна во Парламентот, во Парламентот ќе заврши. Така што мислам дека чесно и доблесно од него би било да самиот се повлече и да го скратиме овој период, да можеме да избереме обвинител, кој што бескомпромисен борец ќе биде, против криминалот и корупцијата во Македонија“, рече премиерот.
Македонија
Доживотен затвор за Фадил Зејнелов, убиецот на Емилија Пешева
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Screenshot-2025-02-12-140549.jpg)
Доживотен затвор доби Фадил Зејнелов, 33-годишниот убиец на 29-годишната Емилија Пешева од Штип.
Пред два дена сега осудениот Зејнелов на претходно рочиште ја призна вината за убиството на неговата партнерка Пешева.
Адвокатите на семејството Пешеви и Обвинителството побараа доживотна казна затвор за сторителот.
Според обвинението, осудениот се товари дека откога се договориле и се сретнале со жртвата пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на ЈП „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и почнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот како резултат на што жената починала.