Топ
Во гостилница во Арачиново специјалците уапсија меѓународен наркодилер кој побегнал од затвор

Во акција во угостителски објект во скопско Арачиново, утрово околу 6 часот и 45 минути бил уапсен 43-годишен арачиновец кој бил осуден за меѓународна недозволена трговија со наркотици.
Како што информираат од МВР, во акцијата учествувале Единицата за внатрешни работи – ОКР Кисела вода, во содејство со Специјалната антитерористичка единица.
Четириесет и тригодишникот со иницијали С.Ј. се барал по распишана меѓународна потерница и наредба издадена од затворот Идризово, за доиздржување на казна затвор од 3 години 5 месеци и 8 дена.
Тој бил осуден на затворска казна од вкупно 6 години и 6 месеци за меѓународна недозволена трговија со наркотици и ќе биде предаден во Идризово за доиздржување на казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество,“ се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија,“ додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и институциите да го следат процесот со должно внимание, бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.“
Македонија
Прекин на испораката на гас за ЈСП, можни се отстапувања од возниот ред

ЈСП информира дека до утре ќе има прекин на испораката на гас и поради тоа е можно да има прекин на некои автобуски линии.
„Согласно добиената информација од НОМАГАС АД Скопје, дека ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија до 17.10.2025 година, Ве известуваме дека се можни отстапувања од возниот ред“, соопшти ЈСП.
Од таму велат дека доколку бидат информирани за евентуални промени околу времетраење на прекинот, јавноста навремено ќе биде известена.
Македонија
На 35 вакцинални пункта низ државата денеска почна вакцинацијата против сезонски грип, досега пријавени 43.000 граѓани

Министерството за здравство информира дека денеска почна вакцинацијата против сезонски грип, која се спроведува на вкупно 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет пункта се во Скопје.
Веќе се пријавени 43.000 граѓани на апликацијата vakcinacija.mk, а можноста за пријавување продолжува.
– Голем е одѕивот на граѓани кои досега се пријавија за вакцина против сезонски грип. Задоволен сум од покажаниот интерес, а воедно сакам да потсетам дека и понатаму е отворена можноста за пријавување, преку апликацијата vakcinacija.mk или преку матичниот лекар. Министерството годинава набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита на здравјето и очекувам бројката на пријавени лица за вакцинација да расте и во следните денови, порача министерот Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.