Топ
Во пожар загина 84-годишен маж

Денеска во ОВР Струга било пријавено дека во 03.30 часот во с.Октиси, струшко, настанал пожар во куќа сопственост на М.М.
Од здобиените повреди во пожарот починал И.М.(84) од с.Октиси, татко на М.М., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.
Екипа на Територијалната противпожарна единица Струга го изгаснала пожарот.
Полицијата соопшти дека бил извршен увид на местото на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ за Коридорот 8: Тие што го саботираа, денес се фалат

Демократската Унија за Интеграција го поздравува ентузијазмот со кој актуелната Влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како што е Коридорот 8, исклучителен проект со национални и меѓународни димензии, кој претставува стратешки интерес за Република Северна Македонија, евроатлантското сојузништво и мрежата на трансевропски коридори на НАТО, соопштија од оваа партија.
Сепак, како што додаваат, не можат а да не ја потенцираат иронијата: „токму тие што некогаш го саботираа, блокираа и стигматизираа овој проект, денес се обидуваат да ги присвојат заслугите за иницијатива која стана реалност благодарение на политичката волја, институционалната посветеност и стратешката визија на ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети.
Граѓаните не забораваат дека Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка, во која ДУИ секогаш беше на страната на развојот и интеграцијата. Оние што денес го нарекуваат „историски проект“, се истите што порано го нарекоа „проект со епски криминал“, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци“.
Според партијата на Ахмети, денес, кога резултатите од заложбите на Демократската Унија за Интеграција се видливи, кога работите се во фаза на неповратна реализација, ги гледаат како што велат истите тие што вчера се потсмеваа со проектот, како патетично зборуваат за неговата важност.
„Вистината е дека овој проект го носи потписот на ДУИ – во визија, одлука и политичка инвестиција.
Коридорот 8 е проект на ДУИ. Тоа е инвестиција на ДУИ во европската иднина на оваа земја и составен дел од нашата визија за интеграција и рамномерен развој. Им посакуваме успех на сите институции и чинители вклучени во финализирањето на овој проект, затоа што за нас најважно е тој да се реализира – за граѓаните, за економскиот развој, за регионалното поврзување и за зајакнување на мултиетничката држава.
Но едно е јасно: без посветеноста, храброста и решителноста на Демократската Унија за Интеграција, Коридорот 8 ќе останеше само идеја на хартија, како што беше цели 30 години“, подвлекуваат од ДУИ.
Свет
Медведев за ултиматумот на Трамп: На Русија не ѝ е гајле

Најновите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за можното воведување 100% царини за стоки увезени од Русија претставуваат „театарски ултиматум“ што ја разочара воинствената Европа, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
„Трамп објави театарски ултиматум до Кремљ. Светот се стресе во очекување на последиците. Воинствената Европска Унија беше разочарана. На Русија не ѝ е гајле“, рече Медведев во објава на мрежата „Икс“.
Во понеделникот, Трамп постави ултиматум до Москва да постигне мировен договор во рок од 50 дена. Во случај тоа да не се случи, тој се закани дека ќе воведе 100% царини за увоз на руска стока, заедно со секундарни царински давачки за земјите што купуваат нафта, гас и други енергетски производи од Русија.
Американскиот претседател, исто така, рече дека САД и ЕУ постигнале договор за испраќање американско оружје во Киев, чии трошоци ќе ги покрие Европа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Русија очекува Киев да предложи време за следната рунда преговори, но дека Киев очигледно не брза.
Свет
Зеленски: Имав многу добар разговор со Трамп, му се заблагодарив за неговата подготвеност да ја поддржи Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал многу добар разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата објава за испраќање ново оружје во Украина, додавајќи дека се согласиле да разговараат почесто во иднина за да ги координираат своите чекори.
„Беше многу добар разговор. Му се заблагодарив на Трамп за неговата подготвеност да ја поддржи Украина и за понатамошна соработка за да се запре убивањето и да се воспостави траен и праведен мир“, напиша Зеленски на Телеграм.
Зеленски рече дека тој и Трамп се согласиле да разговараат почесто за да ги координираат чекорите во иднина.
Трамп вчера им рече на новинарите дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и „многу незадоволен“ од Русија, додавајќи дека сака војната во Украина да заврши.
„Ќе произведуваме врвно оружје и тоа ќе биде испратено во НАТО“, рече Трамп, додавајќи дека сојузниците на Вашингтон во НАТО ќе платат за оружјето. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја потврди изјавата на Трамп и ја опиша како „сосема логична“, според медиумите.