Црна хроника
Во притвор возач на трактор, под истрага е за смртта на сопатникот
Возач на трактор заврши во притвор, по сообраќајна несреќа во којашто загина сопатникот којшто се превезувал со него. Обвинителството смета дека тој возел во алкохолизирана состојба, се превртел со тракторот во удолница и го загрозил животот на лицето коешто се возело со него.
Поради тоа Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против возачот поради тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот законик.
,,Осомничениот како учесник во сообраќајот на јавен пат, во својство на возач, не се придржувал кон прописите со што го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност животот и телата на луѓето. Спротивно на чл.228 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако знаел дека му претстои управување со возило, се довел во состојба под дејство на алкохол, со присуство на алкохол во крвта од најмалку 0,75 грам промили. Потоа, во таква сосотојба, управувајќи со моторно возило трактор „ландини 7830″ без регистарски ознаки во правец од село Двориште до излез кон Република Бугарија, излегол од десната страна на коловозот, при што тракторот се превртел во удолница во должина од околу 10 метри”, соопшти обвинителството.
Дополнително, спротивно на чл.186 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако на тракторот немал фабрички посебно вградено седиште, во кабината превезувал уште едно лице.По превртувањето на тракторот, сопатникот се здобил со тешки телесни повреди на главата во вид на скршеници на черепот и како последица на повредите починал.
,,Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка и ќе влијае врз сведоците, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Кочани достави предлог за определување мерка притвор.
Судијата на претходна постапка ваквиот предлог го прифати и донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена”, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

