Црна хроника
Гевгелиското обвинителство побара парични казни за девет лица
Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе предлози за издавање казнени налози против девет лица кои го сториле кривичното дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Чертворица од нив допатувале на 18 март во Република Северна Македонија од Грција, Турција и Бугарија, како земји со среден или висок ризик за зараза, согласно листата на Светската здравствена организација. При влез во земјата биле запознаени со мерката за задолжителна самоизолација согласно одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19 и потпишале изјави за самоизолација. При извршена проверка од страна на полициски службеници на 19 март, обвинетите не биле затекнати во престојувалиштата каде требало да ја извршат должноста за самоизолација, со што ја прекршиле дадената мерка и го сториле кривичното дело. Обвинителството за секој од обвинетите предложи на судот да им бидат изречени парични казни во висина од по 100 дневни глоби, секоја во висина од по 20 евра во денарска противвредност.
Пет лица во Гевгелија ја прекршиле одлуката на Владата за забрана и посебен режим на движење со која се забранува движење на населението од 21 до 5 часот наредниот ден. Тие во одделни настани биле затекнати како управуваат или патуваат со возила, со што го сториле кривичното дело кое им се става на товар. За секое од петте обвинети лица обвинителството предложи на судот да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 10 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

