Црна хроника
Двајца браќа обвинети за напад со нож пред дискотека во Марино
Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца браќа, од кои едниот се гони за кривично дело тешка телесна повреда, а другиот за помагање при извршување на делото.
Како што информираат од обвинителството, на 23 март годинава 19-годишник, помогнат од неговиот 20-годишен брат, со умисла нанел тешка повреда на едно лице пред дискотека во скопското село Марино.
Оштетениот пред тоалетот на дискотеката најпрвин физички бил нападнат од постариот брат, кој го удрил со бокс во лице. Потоа пред дискотеката бил пресретнат од двајцата браќа, а помладиот брат се приближил до него и со нож го прободел во левиот долен дел на стомакот, нанесувајќи му тешки повреди и оштетување на бубрегот и на слезината.
По настанот, двајцата браќа со автомобил го напуштиле местото.
За нив двајца на сила се мерки на претпазливост – забрана за напуштање на домот, привремено одземање пасоши и забрана за издавање нови, забрана за преминување на државната граница со друг личен документ, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со повредениот и со сведоците на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

