Топ
Дебарчанец загина на скопската обиколница, возилото излетало од патот

Едно лице починало во сообраќајна незгода што се случила рано утрово на скопската обиколница кај клучката „Смилковци“.
Според информации од МВР, утрово, во 5:10 часот, било пријавено дека на скопската обиколница, кај клучка „Смилковци“, комбе со охридски регистарски ознаки, управувано од А.Ш.(52) од Дебар, излетало од патот.
На местото на незгодата починал возачот.
Смрт констатирал лекар, а увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Убедлива е победата во Чаир и Тетово, на ДУИ им ја честитам победата во Пласница, рече Меџити

На ДУИ и Ахмети кои се залагаа за легитимитет да им ја честитам победата во Пласница, рече во шега Изет Меџити, во другите општини убедливо води „Вреди“, додаде тој.
„Тука сме во Чаир да ја прогласиме убедливата победа уште во првиот круг, рече Меџити, кој се заблагодари на сите заслужни за таквиот исход, затоа што битката појасни тој, беше за легитимитет.
„Битката беше за легитимитет, тие посакуваа уште еднаш да си ги одмериме силите во Чаир и во Тетово, и во Чаир и во Тетово убедлива е победата на „Вреди“, и во други општини доаѓаат резултатите од Арачиново па се до другите албански општини дека „Вреди“ е легитимен и дека ние сме победници на овие избори, порача Меџити.
Македонија
СДСМ објави водство во неколку општини меѓу кои Центар, но обвини и за повеќе нерегуларности

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изјави дека изборниот ден поминал генерално мирно, но констатирале бројни прекршувања на изборниот процес.
„Констатиравме злоупотреби на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, како и кршење на изборниот молк преку агитирање. Имаше и нерегуларности при самото гласање“, рече Димитријевиќ, повикувајќи на итна реакција од институциите и најава на подготовка на пријави за утврдените случаи.
Тој соопшти дека според првичните информации, СДСМ води во општините Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани и Богданци. Тесна битка, како што рече, се води во Неготино, Валандово, Македонска Каменица и Лозово. СДСМ, според партиските податоци, води и во Дојран, но најверојатно ќе има втор круг.
Македонија
11 лица приведени, за Тошковски денешните избори се најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата

Македонија уште еднаш покажа демократска зрелост и политичка култура. Денешните избори поминаа како едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата, истакна на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Им се заблагодари на сите полициски службеници, кои според него својата работа ја завршиле одговорно, професионално и без ниту еден пропуст.
„Денес покажавме дека кога институциите функционираат демократијата е сигурна“.
Гласањето како што рече, започнало навреме на сите гласачки места освен на едно гласачко место 82, каде имало технички проблеми и задоцнување од два часа.
„Регистрирани се 29 прекини на гласањето во траење од 15 до 30 минути најчесто поради технички проблеми со уредите за идентификација кои беа навремено решени“.
Најмногу од нив биле на подрачјето на Тетово и Охрид.
„Пријавени се вкупно 91 настан на територијата на државата од кои најголемиот дел се однесуваат на агитирање и можен поткуп а дел се однесуваат на фотографирање на гласачкото ливче , лепење плакати и упатени закани. По превземени мерки за 42 од пријавените случаи, постапките се завршени, а во најголем број истите наоди не се потврдени“.
Во текот на денот лишени од слобода биле 11 лица во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачкото ливче.
„Четири се веќе ослободени а седум се задржани на натамошна постапка. Пријавени се и седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници од кои за шест е утврдено дека не постојат неправилности, а за еден случај се преземаат мерки за расчистување“.
Според него во текот на денешниот ден имало приведување и на едно лице вработено во ДИК.
„Согласно информациите кои ги имам, едно од лицата кое е лишено од слобода е во работен однос во рамките на Државната изборна комисија, но истиот при лишувањето од слобода не ги извршувал своите работни обврски, и е лишено од слобода затоа што одбил да се идентификува , кажа министерот за внатрешни работи.
Регистрирани биле 19 објави на социјалните мрежи поврзани со изборите.
„Денешниот изборен процес помина во демократска и мирна атмосфера како резултат на навремено планирање и координација на МВР“, рече Тошковски.