Црна хроника
Деветмина приведени по престрелката во Куманово, пронајдено оружјето од кое е пукано
Деветмина се приведени по вооружената престрелка во Куманово. Од обвинителството информираат дека е пронајдено оружјето од кое е пукано, како и чаурите, кои се предадени на вештачење.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи извршиле увид на местото на настанот во Куманово кадешто вчера попладнето се случи вооружена престрелка меѓу две семејства.
,,Престрелката била ескалација на меѓусебните недоразбирања и повеќемесечно нетрпение меѓу две семејства. Нивните меѓусебни расправии, како и претходна тепачка со телесни повреди била веќе предмет на постапување на органите на прогонот.
Синоќа околу 18:30 часот припадници на едно од семејствата се движеле по улицата Тоде Мендол во близина на маркетот „Арди“ во Куманово. Во тој момент биле пресретнати од припадници на второто семејство по што започнала физичка пресметка меѓу нив. Во инцидентот било употребено огнено и ладно оружје, а како последица на тоа едно лице се здобило со животно-загрозувачки повреди и починало, а на друго лице му била нанесена убодна рана од нож”, информираат од обвинителството.
Во тек на увидот, по наредба на јавен обвинител обезбедени се трагите од лице место и пронајденото ладно оружје и испуканите чаури. Претстои нивно вештачење кое ќе даде потребни податоци и докази за натамошниот тек на кривичната постапка. Издадена е и наредба за вршење обдукција на починатото лице.
Во моментов деветмина учесници во вооружената престрелка се лишени од слобода. Постои сомнение дека во кривично-правниот настан учествувале уште неколку лица. Во насока на утврдување на фактите во предметот, јавниот обвинител во континуитет презема дејствија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

