Црна хроника
Денеска ќе биде погребан Кико
Погребот на Кристијан Коцев-Кико ќе се одржи денеска од 13:30 часот. Претходно, од 11 до 13 часот ќе бидат изложени посмртните останки на градските гробишта во Штип.
Момчето за кое македонската јавност се крена на нозе и собираше донации за негово лекување боледуваше од ретка и тешка болест Атаксија и не издржа да замине во Турција каде требаше да биде третиран со матични клетки.
Поради влошената здравствена состојба, не можеше да биде транспортиран со медицински авион во Истанбул, а последно беше лекуван во приватна болница во Скопје каде лекарите се бореа за неговиот живот, но последните два дена дошло до сериозно влошување на состојбата поради брзо прогресирање на болеста.
Неговата смрт стана предмет и на партиски препукувања. Откако министерот за здравство рече дека барање за лекување на Кико не е поднесено до државата, а тој пет години не бил на преглед, утринава од ВМРО-ДПМНЕ велат потребен е ремонт на здравството.
„Владата предводена од СДС и ДУИ речиси целосно го распадна здравствениот систем.Секојдневно сме сведоци на животни трагедии. Секојдневно сме сведоци на собирање средства, пред се, по социјалните мрежи за лечење на се повеќе пациенти.Тоа е сликата на распаднатиот систем воопшто, а пред се на распадниот здравствен систем. Тоа е слика за нефункционирање на системот кога се во прашање граѓаните. Тоа е показател дека системот не само што оди кон пропаст, туку и народски кажано не се грижи за граѓаните. Ниту има услови за лекување, ниту има доволно кадар, едноставно не се инвестира во ништо кога е во прашање здравствениот систем.„Функционалност“ на системот има само кога се во прашање лични интереси на политичарите во Владата, „функционалност“ има кога овие актуелни политичари ги крадат народните пари.Нема функционалност кога граѓаните треба да си го добијат правото на лечење, нешто за што секој еден граѓанин плаќа цел работен век, или цел живот.На здравствениот систем му е потребен целосен ремонт. Ремонт кој треба да започне час поскоро за да се спасат барем некои мали делови. Ремонт потребен да почне веднаш“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Гостиварец пронашол експлозивни направи под карпа покрај река
Во ОВР Гостивар вчера во 16:20 часот В.В. од Гостивар пријави дека на потегот помеѓу с. Трново и с. Железна Река, под карпа покрај реката, пронашол четири експлозивни направи.
Стручна екипа од МВР ги подигнала четирите гранати од кинеско производство за понатамошно вештачење и расчистување на случајот.
Црна хроника
Со автобус удрил во кабина на Граничниот премин Долно Блаце
Синоќа во 23:55 часот во СВР Скопје е пријавено дека на Граничниот премин Долно Блаце, на излез од државата, И.Ф.(40) од Р.Косово, управувајќи автобус со косовски национални ознаки, удрил во кабина.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, при што на И.Ф. не му е дозволен излез од државата, односно му биле одземени документите за понатамошна постапка, информира МВР.
Црна хроника
14-годишник управувајќи четирицикл излетал од патот во Кичевско
Вчера во 16:30 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на локалниот пат с.Зајас- Теќе маало, 14-годишник од с.Горно Строгомиште, кичевско, управувајќи четирицикл со кичевски регистарски ознаки, излетал надвор од коловозот.
Во несреќата со повреди се здобил возачот и неговиот 14-годишен сопатник од с.Зајас, кичевско, констатирани во Медицинскиот центар Кичево и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кичево, а по наредба на јавен обвинител, четирициклот е одземен, соопшти полицијата.

