Македонија
Почина малиот Кико, не дочека лекување во Турција
Почина Кристијан Коцев-Кико, момчето за кое цела македонска јавност се крена на нозе за да собира донации за негово лекување. Неговата состојба се влошила во последниве два дена. Јутуберот Стефан Лазаров кој е во постојан контакт со семејството, за ова објави и на социјалните мрежи.
„Те засакав како помал брат, ова е најтешкиот ден во мојот живот.. Се дадовме за тебе, се бореше до крај како вистински победник, но за жал не успеа. Многу те сакам, многу ќе ми фалиш братче мое. Еден ден ќе се сретнеме и ќе си кажеме за многу работи кои останаа недокажани. Ти ме научи што значи да сакаш да живееш… Почивај во мир Кико“, напиша Лазаров.
Момчето требаше итно да замине на третман во Турција, но поради влошување на неговата здравствена состојба со неговата ретка болест тоа не се случи. Тој последно се лекуваше во приватна болница во Скопје, каде лекарите се бореа за неговиот живот.
Народот за четири дена собра пари за неговото лекување преку хуманитарната акција, која ја започна јутуберот Стефан Лазаров.
Дваесетгодишното момче Кико имаше ретка и тешка болест, Атаксија-телеангиектазија, која брзо прогресира и за кратко време доведува до сериозна состојба. Откако му се влоши здравствена состојба беше сместен во приватна болница во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги усвои приговорите за седум избирачки места
Државната изборна комисија (ДИК) објави дека усвоила приговори за седум избирачки места.
Со тоа, усвоени се приговорите за Желино, ИМ 2101 поднесен од Коалицијата„ Влен“; Охрид, ИМ 1272 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“;
Крушево, ИМ 1194 и ИМ1202 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“; Струга, ИМ 1844 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“ и Коалицијата „ За Европска иднина“; Долнени, ИМ 1470 и ИМ 1470/1 поднесен од Коалицијата „ Твоја Македонија“.
Останатите приговори за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга, Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба, се одбиени или повлечени.
Oд ДИК потсетуваат дека секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба.
После одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите.
Во зависност од тоа ДИК по одлуките на Управниот суд, ќе донесе заклчок за евентуално прегласување на определени избирачки места.
Македонија
Издадени наредби за утврдување на причините за смртта на бебето од Вевчани: ќе се прави обдукција, се проверува медицинската историја на детето и на мајката
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на 7-месечното бебе од Вевчани, кое починало рано утрово во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ кога било донесено со повреди на главата и итно префрлено во операциона сала, извести Јавното обвинителство.
Неколку часа по спроведената операција, бебето починало на интензивна нега. Јавниот обвинител, со цел да ги расчисти причините за тоа како настанала повредата на бебето, како и да испита дали стручниот персонал ЈЗУ „Св. Еразмо“ постапувал во согласност со протоколите и процедурите, издаде насоки за прибирање докази. Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје, се вршат разговори со семејството и со блиски лица, а се проверува и медицинската историја и на детето и на мајката, соопшти Обвинителството.
Скопје
Пред Олимпијадата во Париз, најдобрата ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кај градоначалникот Ѓорѓиевски
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
По многуте врвни натпреварувања, од кои меѓу последните се Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобрата судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ) летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.
За Начевски и Николов, ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честита големиот успех за кој тие неодамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч, која им се доделува на сите заслужни жители.
„Големо е моето задоволството што и денес прославуваме уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка. Да се суди на Олимпијада, и тоа четврти пат, говори за континуиран квалитет со кој се гордееме сите ние, пред сѐ, жителите на општина Кисела Вода, но и цела Македонија. Од неодамна и официјално ги прогласивме за наши почесни граѓани и се надевам дека листата со успеси ќе продолжат да ја збогатуваат со уште вакви значајни натпреварувања. Како градоначалник на општина Кисела Вода вложувам големи заложби за достоен третман на големите спортски ѕвезди и по официјалното завршување на нивните натпреварувања. Како локална самоуправа се трудиме да го искористиме нивниот потенцијал и тоа најмногу за младите таленти, па така нашите ученици во своите училишта спортуваат со ракометарот Аце Станковски, судијата Славе Николов, како и со поранешниот репрезентативец, ракометарот Кирил Атанасовски“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.