Црна хроника
Директор и стечаен управник обвинети за злоупотреба на службената положба во Кавадарци
Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против две лица што се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во периодот од 28.5.2009 година до 28.5.2013 година првиот обвинет во својство на одговорно лице извршен директор на стечајниот должник Акционерско друштво за производство на режена граѓа и други финални производи од дрво ДИК „Страшо Пинџур“ (во стечај) – Кавадарци и управител на правното лице „Амбалажа Кабран“ од Кавадарци, спротивно од одредбите на Законот за стечајот, не ги испоолнил обврските што произлегуваат за него од спроведениот дел на стечајниот план – план за реорганизација на стечајниот должник, кој бил подготвен и изготвен од санаторот инвеститор „Амбалажа Кабран“. Во согласност со овој план тој бил задолжен да изврши финансиска консолидација на стечајниот должник, да го обнови и продолжи деловниот потфат, како и да ги намири обврските кон доверителите групирани во четири групи во рок од четири години и една година грејс-период, заклучно со 28.5.2013 година. Спротивно на ова, обвинетиот почнал да врши продажба на недвижниот имот на стечајниот должник.
Во отсуство на надзор над спроведувањето на стечајниот план обвинетиот извршил продажба на имот на стечајниот должник во вкупна вредност од 8.636.415 денари, без да ги исплати утврдените побарувања на доверителите во стечајната постапка.
Втората обвинета, пак, во својство на службено лице – стечаен управник на стечајниот должник ДИК „Страшо Пинџур“, спротивно на Законот за стечајот, не извршила надзор над исполнувањето на стечајниот план за 2011, 2012 и за 2013 година и не го известила Одборот на доверителите, ниту стечајниот совет дека стечајниот план не се спроведува и дека се врши продажба на имотот на стечајниот должник, со што се оневозможува намирувањето на неговите доверители.
На овој начин двајцата обвинети причиниле значителна имотна штета на доверителите на Акционерско друштво за производство на режена граѓа и други финални производи од дрво ДИК „Страшо Пинџур“ (во стечај) – Кавадарци во вкупен износ од 15.112.669 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

