Топ
Еден е повреден во пукање вечерва во Чаир

Едно лице е потешко повредено, и веднаш е пренесено во болница во пукањето кое вечерва се случи во скопската населба Чаир. Од МВР го потврдија настанот.
„На 05.10.2024 во 20.20 часот пријавено е дека на ул. Цветан Димов во Скопје има повредено лице од огнено оружје. Според пријавеното, во повредениот било пукано од возило „пасат“. Повредениот е пренесен во ГОБ Св.Наум Охридски за укажување помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.
Македонија
Забрана за движење во шумите до крајот на август, за прекршителите казна до 2.000 евра: Владата ја продолжи кризната состојба од 30 дена

На владината седница е донесена одлука за продолжување на кризната состојба во рок од 30 дена.
Со ова продолжување, како што е појаснето во владиното соопштение, се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси, вклучително и човечки, технички, логистички, остануваат мобилизирани сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.
„Имено, поради висок ризик од шумски пожари во државата, апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 1.7.2025 година и ќе трае до 31.8.2025 година), во спротивно сите оние што не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување пожари, ќе бидат казнети со глоба од 1.500 до 2.000 евра“.