Топ
Еден загинат и петмина повредени во сообраќајка на патот Градско-Прилеп
Основното јавно обвинителство Кавадарци врши увид на магистралниот пат Градско-Прилеп каде што утрово се случила тешка сообраќајна несреќа во која едно лице загинало, а петмина се повредени.
Според првичните сознанија, несреќата се случила при судир на автомобил „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки и џип „ленд ровер“ со велешки регистарски ознаки. Во несреќата животот го загубил еден од патниците во голфот, додека еден е потешко и еден полесно повреден. Со полесни повреди се здобиле и тројцата патници во џипот.
Од обвинителството информираат дека сообраќајот на патниот правец е запрен до целосно завршување на увидот.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција, а земени се примероци за испитување на присуство на алкохол во крв и урина на возачите на двата автомобили.
Со цел утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал и наредба за техничко вештачење на возилата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Болниците во Иран преплавени со повредени од протестите, доктори опишуваат „ужасни сцени“
Протестите во Иран продолжуваат, а улиците на градовите, особено Техеран, се исполнети со илјадници демонстранти, и покрај блокадата на интернет и мобилните мрежи, јавуваат медиумите.
На новите протести, кои започнаа доцна синоќа во северниот дел на Техеран, демонстрантите извикувале: „Смрт за ајатолахот Али Хамнеи“ и „Да живее шахот“, а запалиле и една џамија.
Според американската организација „Активисти за човекови права“, утрово повеќе од 570 протести се одржале во сите 31 ирански провинции.
Здравствените работници во три болници во Иран велат дека нивните болници се преплавени со повредени и мртви од големите антивладини протести, објави Би-Би-Си. Според проценките на организациите за човекови права, најмалку 116 лица биле убиени во последните две недели.
Доктор во болница во Техеран опишал „ужасни сцени“, наведувајќи дека имало толку многу повредени што персоналот немал време да се справи со нив:
„Околу 38 луѓе починаа. Многумина дури и не стигнаа до болница. Бројот беше толку голем што немаше доволно место во мртовечницата. Телата беа едно врз друго. Откако мртовечницата се наполни, тие беа наредени едно врз друго во просторијата за молитва“, изјавил тој.
Според здравствениот работник, меѓу загинатите и повредените биле најмногу млади луѓе, на возраст од 20 до 25 години, а болниците морале да ги одложат сите неитни приеми и операции, за да можат да се грижат само за повредените од протестите.
Иранската полиција тврди дека никој не загинал во Техеран во петокот навечер, иако 26 згради биле запалени и предизвикале голема материјална штета.
Државната телевизија на Иран известува за жртви меѓу припадниците на безбедносните сили, додека демонстрантите сѐ почесто ги нарекува „терористи“.
САД повторија дека убиството на демонстранти може да предизвика воена интервенција, а Иран ги обвинува САД дека мирните протести ги претвориле во „насилни субверзивни акции и вандализам“.
Протестите започнаа на 28 декември поради падот на иранската валута и економските тешкотии.
Свет
Вашингтон одржа „прелиминарни“ разговори за потенцијален удар врз Иран, објави Волстрит журнал
Американски официјални лица разговарале за планови за можни напади врз Иран, вклучувајќи потенцијални цели, објави Волстрит журнал, повикувајќи се на американски претставници.
„Официјални лица од администрацијата на Трамп водеа прелиминарни разговори за тоа како би се извршил напад врз Иран доколку биде потребно… вклучувајќи ги и објектите кои би можеле да бидат цели“, пишува медиумот.
Една од опциите што се разгледува е серија воздушни напади од големи размери врз повеќе воени цели во Иран.
Истовремено, изворите за медиумот рекле дека разговорите биле во рамките на стандардното планирање и дека не постоеле знаци дека нападите навистина ќе се извршат.
Официјалните лица исто така напоменале дека не е распореден воен персонал или опрема како подготовка за нападот.
Тие потенцирале дека во САД сѐ уште не постои консензус за можни напади врз Иран.
Претходно, Трамп ги предупреди иранските власти за последиците доколку бидат убиени демонстранти.
Во саботата, американскиот претседател изјави дека САД се подготвени да „помогнат“ на Иран.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.

