Топ
Жител на виничко Градец заврши во притвор поради обљуба над малолетничка

На 11.10.2022, полициски службеници од ОВР Виница, го лишиле од слобода В. С. (26) од с. Градец, Виничко, поради постоење основи на сомнение дека извршил обљуба над малолетничка.
Поднесена е кривична пријава против В. С. до ОЈО Кочани, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена и тој е спроведен до Казнено-поправната установа „Затвор Куманово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична пријава за 10 лица: Поранешен директор и затворски полицајци обвинети за бегство на осудени лица

На 24.02.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против десет лица и тоа: Ф.А. (42) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ и „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 од КЗ, С.К. (53), П.А. (40), Ѓ.Р. (34), С.П. (48), Т.Н. (37), Е.О. (46), З.М. (35), К.В. (34) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ, како и против С.К. (33) за сторено кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 став 1 од КЗ.
Пријавениот Ф.А., во својство на директор на КПУ Затвор Скопје, во период од март 2024 до 24.07.2024 со намера на противзаконит начин, привремено да ослободи осудени лица кои издржувале затворски казни во КПУ Затвор Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба дозволил и наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале согласно судските одлуки, односно истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот, по што пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, по добиената наредба од директорот Ф.А., изготвил наредба за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби, по што така изготвени биле одобрени од страна на директорот Ф.А., а во неколку наврати биле одобрувани од страна на С.К., вработен како затворски полицаец во КПУ Затвор Скопје, личен возач на Ф.А.. Потоа пријавениот П.А. одобрените наредби ги предавал на пријавените затворски полицајци Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О., З.М. и К.В. со цел извршување на незаконскиот спровод на осудените лица, иако истите знаеле дека таков спровод на осудено лице до домашна адреса врз основа на молба е спротивно на закон и процедурите и подзаконските акти на законот, сепак го извршиле спроводот, каде што ги ослободувале осудените лица да извршуваат приватни работи, а потоа откако ќе поминел одреден временски период (најчесто 8 до 10 часови) пријавените затворски полицајци ги враќале осудените лица назад во затворот. Кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи, биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од пријавените затворски полицајци директорот Ф.А. им одобрувал прекувремени работни часови (вкупно 44 часа исплатена прекувремена работа), со што согласно наведените незаконски дејствија била предизвикана штета на буџетот на Р.С.Македонија, а воедно и мала имотна корист за Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О. и З.М..
Пријавениот С.К. во својство на затворски полицаец кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 од КЗ го извршил така што со непреземање на должни мерки и активности при утврдување на бројна состојба на осудени лица, постапил спротивно на член 9, член 13, член 19, член 28, член 44 и член 45 од Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, односно не пријавил одредена група на осудени лица при вршење физички проверки за бројна состојба, при што констатирал дека сите осудени лица биле присутни, односно немало отсутни. Додека при извршена контрола поради ненајавен вонреден надзор од страна на стручни лица на Управата за извршување на санкции, констатирано е дека група од 11 осудени лица не биле пријавени дека не биле присутни, а кои биле сместени во импровизирани простории и тоа: „Возен парк“, „Перална“, „Столара“ и „Котлара“.
Во врска со бегството на групата од 11 осудени лица кои казната затвор ја издржувале во КПУ Затвор Скопје, поради фактот дека пријавениот Ф.А. во својство на директор на установата, иако бил должен да преземе соодветни мерки, во однос на импровизираните простории кои не исполнуваат законски услови за сместување на осудени лица, истиот не ги презел наведените активности и им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што постапил спротивно на член 31 од истиот, а со неговите постапки создал и овозможил услови кои што довеле до бегство на 11 осудени лица, а со наведеното пријавениот Ф.А. сторил кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 од КЗ.
На 27.02.2025 година извршени се претреси во домови кај Ф.А. и С.К, при што тие се лишени од слобода и ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.
Македонија
Јас имам два сина и знам колку троши 4-члено семејство: Димитриеска-Кочоска со навреди до Петровска

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска ја навреди пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, велејќи дека нема право да зборува за мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена, има семејство, има два сина.
„Пратеничке Славјанка Петровска, врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече министерката.
Петровска ја критикуваше министерката за нејзините ставови.
„Министерке, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте, ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни за едно 4-члено семејство, освен ако не ги заменувате со бадемово млеко“, рече Петровска и додаде:
„Ако имаше дно, вие го пробивте“, заклучи Петровска.
Македонија
Мицкоски: Коцевски доби шанса, но освен внатрешни пресметки во Обвинителството и браник на минатата власт, друго не видовме

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратеничка прашања истакна дека на јавниот обвинител Љупчо Коцевски му беше дадена шанса, но изминатиов период освен пресметки со неистомисленици во обвинителството и последен браник за одговорноста на минатата власт, друго ништо не се виде од обвинителот, и токму затоа се почна со постапката за разрешување, затоа што граѓаните треба да видат правда и борба против криминалот и корупцијата.
„На Коцевски му оставивме шанса и покрај тоа што бевме свесни дека можеби јавноста нема со наклоност да гледа на таа одлука да оставиме шанса на и така потонатото во кал обвинителство и судство. Дадовме шанса што може да направат, дали може да излезат од таа политичка матрица во која поединци се наоѓаат, не сите. Не влеговме како другите влади од прв ден да се пресметуваме со обвинителот и да правиме маратонски седници и да менуваме закони. Рековме да оставиме простор, но освен внатрешна пресметка со неистомисленици во рамките на обвинителството, која се случи како резултат на процеси во позадина како исплатените дневници за поранешните специјални обвинители, друго ние не видовме. Друго беа изговори“, изјави премиерот Мицкоски.
Додаде дека за да се покаже дека нема да биде „како до сега“ соочени се сите аргументи и констатирано е дека треба да се почне со барање одговорност од јавниот обвинител, кој од некои потези кои не личат на коректни и внатрешни пресметки во обвинителството, апсолутно ништо друго не прави.
„Почнавме постапка како влада, законски рокови и потоа сето тоа ќе дојде на собраниска седница. Има пратеници од политички партии во опозицијата наместо на страната на гласот на народот, застанаа во одбрана на Коцевски. Имајќи предвид дека довербата во обвинителството не е повеќе од 2-3%, тогаш се поставува прашањето чиј глас го претставуваат бранејќи го Коцевски. Јас лично имам дилема дали е тоа морално или осмислена политичка стратегија? Главните критики од извештајот на ЕК се во делот на владеење на право, имплементација на реформи во правосудството, тогаш кого штитат? Каква е пораката што се испраќа? После се чудат зошто довербата кај граѓаните опаѓа и кај опозицијата“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата останува принципиелна на тоа што го говори.
„Рековме ќе дадеме шанса, но тоа што го гледаме е комплетно фијаско и последен браник на интересите на претходната владина коалиција, за што мора да има одговорност, а одговорноста е токму тука во Собранието бидејќи тој јавен обвинител се бира во Собрание. Мора да имаме недвосмислена борба против криминалот и корупцијата“, потенцираше премиерот Мицкоски.