Топ
Заврши увидот на хеликоптерската несреќа, леталото ќе биде пренесено на друга локација
Увидот на местото на хеликоптерската несреќа е завршен, а хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи сè уште се наоѓа на скопскиот аеродром и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на утрешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде што ќе се обезбедува до крајот на постапката, соопшти Јавното обвинителство.
Од таму наведуваат дека во зависност од обезбедените докази, како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство ќе поведе кривична постапка.
Несреќата се случи утрово околу 11.30 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Според првичните информации, во хеликоптерот имало пет лица. Откако полициското летало наполнило гориво, паднало при полетувањето од засега непознати причини. Како можна причина за несреќата се наведува и силниот ветер. Едно лице е повредено.
По наредба на јавен обвинител, обезбедени се видеозаписите од камерите на аеродромот, како и аудиоснимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот.
На местото денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ризик по животот: Човекот кој се искачи на Тајпеј 101 без заштита земал половина милион евра
Американскиот алпинист Алекс Хонолд изјави дека му е платен „смешно мал“ надомест за да се искачи на облакодер од 488 метри што го снимал за Нетфликс. Вчера, Хонолд се искачи на Тајпеј 101, облакодер во главниот град на Тајван, во пренос во живо на Нетфликс. Тој се искачуваше на зграда од 101 кат без јаже и без никаква безбедносна опрема, па дури и најмалата грешка можеше да заврши фатално.
За среќа, искачувањето беше завршено за нешто повеќе од час и половина, а тој дури и направи селфи на врвот.Колку заработил Хонолд?Во пресрет на искачувањето, во разговор за „Њујорк тајмс“, Хонолд зборувал и за парите. Кога бил прашан дали тоа е најголемата исплата во неговата кариера, тој не сакал да ја открие бројката, но рекол дека хонорарот е „смешно мал“ во споредба со платите на најпознатите спортисти.
„Ако го споредите со големите спортови, тоа е смешно мал износ“, рекол тој, а потоа додал: „Играчите на MLB потпишуваат договори вредни околу 170 милиони долари – и тоа се играчи за кои никогаш не сте слушнале и на никој навистина не му е гајле“.
Хонолд не потврдил точно колку добил, но се вели дека е во „средна шестцифрена сума“, односно помеѓу 400.000 и 600.000 долари (помеѓу 340 и 510 илјади евра). Парите не му биле главен мотив. Сепак, Хонолд вели дека парите не биле одлучувачки за него и дека со задоволство би се искачил на зградата бесплатно.
„Ќе го направев тоа бесплатно – да не беше ТВ-шоуто и зградата да ми дадеше дозвола“, рече тој. „Би го направил тоа затоа што знам дека можам и би било неверојатно. Мислам, самото седење на самиот врв од кулата е лудо. Не ме плаќаат за искачување на зграда. Ме плаќаат за спектаклот. Се искачувам на зградата бесплатно.“
Топ
Се претставил како инспектор, изнудил пари од жена за наводна сообраќајка, па бил фатен на граница
СВР Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „Измама“ по член 247 од Кривичниот законик.
Како што информираат од полицијата, на 11 ноември 2025 година, 72-годишна жителка на селото Буково била жртва на телефонска измама. Лице кое се претставило како полициски инспектор ѝ се јавило и лажно ја известило дека нејзината ќерка и зет предизвикале сообраќајна незгода. Под закана и лажно уверување дека е потребно итно плаќање, жената оставила 40.000 денари и 1.500 американски долари на однапред договорена локација во Битола.
Откако подоцна утврдила дека информацијата е невистинита, случајот бил пријавен во полиција, по што биле преземени истражни мерки.
Осомничениот бил лишен од слобода на 24 јануари 2026 година на граничниот премин Ќафасан, при што во целост го признал делото. Истражната постапка продолжува во надлежност на Основното јавно обвинителство Битола.
Топ
Пешак се бори за живот на Ургентен во Скопје , малолетник го удрил со автомобил
Малолетник со возило удрил во автомобил и пешак, кој се бори за живот во Ургентен цнетар во Скопје, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
– Денеска во 11:30 часот пријавена е сообраќајна незгода во скопското село Долно Коњари, во која патничко возило со скопски регистарски ознаки, управувано од малолетник, удрило во паркирано патничко возило со скопски регистарски ознаки и пешакот И.Ф.. Од незгодата, со повреди се здобил пешакот, кој е пренесен во Ургентен центар „Мајка Тереза“, каде му се констатирани тешки телесни повреди и е во животно – загрозувачка состојба, појаснија од МВР.
Како што додадоа, известен бил дежурен јавен обвинител за малолетници и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

