Топ
Загина велосипедист: уапсен 26-годишен скопјанец кога со возилото удрил во него

Денеска во 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Киро Глигоров“ во Скопје, патничко возило „мицубиши аутлендер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.В.(26) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.К.(78) од Скопје.
Од здобиените повреди, на местото на настанот починал велосипедистот Б.К., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Увид извршиле увидна екипа од СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, а возачот К.В. бил лишен од слобода.
Тој бил приведен во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Утната процедура е можна причина за одложување на седницата за прислушувањата, Петровска бара декласификација

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција оцени дека власта намерно прави деловнички грешки со закажувањето на седницата на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање.
Петровска посочи дека таа била известена да претседава со седницата закажана за денес, но утрово добила известување од претседателот на Собранието дека седницата е одложена. Објасни дека од неофицијални извори разбрала дека станува збор за „утната процедура“ или погрешна примена на Деловникот, но истакна дека како пратеничка и членка на Комисијата е подготвена да претседава кога било, според правилата.
„Како пратеничка на СДСМ, од интерес ни е надзорот да се спроведе и граѓаните да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации е неприфатлив“, рече Петровска.
Таа нагласи дека СДСМ нема што да крие, но се сомневаат дека власта има што да крие, особено поради инсистирањето за декласификација на документите.
„Несериозен е пристапот на власта, особено затоа што тие се тие што го обелоденија овој таканаречен скандал, а при тоа пропуштија правилно да го применат Деловникот. Тоа е сомнително, најмалку речено. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат. Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината“, рече Петровска.
Можеби, како што додаде, ова одложување е резултат на страв од таа декласификација.
Петровска додаде дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Џепи, не бил информиран за нејзиното претседавање, а службите потврдиле дека иницијатива за свикување на седницата не била доставена.
Заклучи дека ако надзорот се одржи и документите се декласифицираат, сите дилеми ќе бидат разрешени и ќе се знае вистината, предупредувајќи на можноста за спојување на двете агенции со цел поставување на човек без искуство на чело на новата агенција.
Македонија
Поплаки за искинати учебници стигнале и до Јаневска: Потрошивме 11 милиони евра, што побарале училиштата, тоа добиле

Учебниците законски се менуваат на пет години, учениците треба да се грижат за нив, наставниците да ги научат на тоа, а директорите се должни да ги регистрираат сите оштетени учебници, да ги наплатат од родителите и да порачаат нови. Ваков е заклучокот од долгиот одговор на министерката за образование Весна Јаневска, на прашањето зошто и оваа година има многу поплаки од ученици и родители за искинати учебници.
„И до мене стигнаа поплаки од родители кои велат дека децата им добиле несоодветни учебници и многу ми е жал. Децата треба да имаат соодветни учебници. Учебниците се обновуваат на пет години, по закон. Значи еден учебник во употреба е пет години, досега и не е правено така, но отсега ќе биде така. На секои пет години ќе се обновуваат учебниците“, рече министерката Јаневска.
Кога прашала зошто учебниците е решено да се менуваат токму на пет години, наставниците и експертите и кажале дека тоа начин да ги поттикнат учениците да се грижат за учебниците.
„Тоа е дел од воспитниот процес, да се цени и почитува знаењето. Наставниците треба да ги научат дека тоа треба да се прави така“, рече министерката Јаневска.
За учебниците кои ќе бидат оштетени, Јаневска потсети дека е предвидено родителот да ја компензира направената штета, а компензацијата се намалува како одминуваат годините, односно ако учебникот е понов компензацијата е поголема, а ако е постар ќе биде помала.
„Секоја година во мај го отвораме електронскиот систем во кој училиштата треба да пријават оштетени учебници со доказ дека го спровеле законот, односно со уплатница дека наплатиле 10 % од вредноста на учебникот, 40% или 70 % од вредноста на учебникот. Комисијата и директорите се должни да водат сметка, да ги примат учебниците, да забележат кој е оштетен, да побараат рефундирање на средствата, да достават до Министерството, и Министерството тој учебник ќе го отпечати без оглед дали е 20-50 или 100% оштетен. Тоа што сме добиле тоа сме направиле. Министерството не може да помине кај секој ученик и да ги провери учебниците. Што побарале училиштата, тоа добиле“, вели министерката Јаневска.
Таа нема податок дали и колку пари се наплатени на родители за оштетени учебници оти, како што рече, тоа се податоци со кои располагаат училиштата.
„ Немам точна бројка, но вкупната бројка која оваа година ја потрошивме за учебници до овој момент е некаде околу 11 милиони евра. Тие податоци треба да ги имаат училиштата. Ние ја гледаме збирната сума и велиме во ред е, доставиле доказ и тие и ги нарачуваат“, рече министерката Јаневска.
Училиштата се обврзани да покажат уплатници од родители за оштетени учебници за да можат да нарачаат нови оти системот не дозволува нарачка без доказ надвор од предвидените пет години.
Министерката кажа дека освен оштетените учебници предизвик за Министерството е учебникот по математика за четврто одделение, за кој ќе се обидат да го решат онака како што им дозволува законот, а предизвик е и учебникот по историја за осмо одделение кој е укинат во учебната 2018/2019 година, а пет години не е нарачан нов. Јаневска рече дека не знае зошто претходните министри не нарачале нив учебник, но кажа дека оваа година таа не го нарачала оти за две недели ќе има конкурс за нови наставни програми за осмо одделение па непотребно трошење буџетски пари според неа би било да се нарача учебник за само една година.
„Бидејќи претходната власт тврдеше дека на наставниците не им треба учебник, еве јас ќе прифатам дека можеби делумно е и така, би можеле и без учебник да ги образуваат учениците. Затоа на располагање ќе имаат вештачка интелигенција, интернет, учебници од други држави за општите настани и така натаму, а секако завршиле факултет и можат да го предаваат она треба во однос на Македонија да го предадат. Малку бев иронична, простете ми, ќе имаат нов учебник за сите, цела генерација за следната година“, рече министерката Јаневска.
Следната година нови наставни програми и нови учебници ќе има за осмо одделение и втори клас, оти оваа година тоа е направено за седмо одделение и први клас.
Македонија
Кривични за стружаните кои запалија душеци на депонија за да ги извадат федерите и да ги продадат

Струшката полиција поднесе кривична пријава против двете лица на возраст од 38 и 61 години кои палеа душеци на депонија. Делото за кое се гонат е предизвикување општа опасност.
Пред еден месец на Градската депонија во Струга, како што соопшти МВР, пријавените запалија душеци за да ги извадат федерите и бакарните жици за да ги продадат.
Беа затекнати од вработените во струшката противпожарна единица и пријавени во полиција. Двајцата, според информацијата од август, покрај душеците, топеле и бакарни жици, при што предизвикале пожар.