Топ
Загина 16-годишно момче од Охрид: со мопед излетал од пат и удрил во метален столб

Денеска во 01.40 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на регионалниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот помеѓу населбата Рача и стариот влез за хотелот Парк, мопед управуван од 16-годишник од Охрид, излетал од коловозот и удрил во метален столб, извести СВР Охрид.
Тој се здобил со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница во Охрид, каде им подлегнал на повредите.
Сопатникот, исто така 16-годишник од Охрид, се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид.
По овластување на јавен обвинител, увид на местото на несреќата изврши екипа на СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – непрописно ги складирале батериите и тонерите што ја загадија почвата и воздухот

Скопското обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирал електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и воздухот и опасност по здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со неговата ќерка – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот брзо се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и Инспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за останатите тројца – куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.
Македонија
Поврзаноста не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15-18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот, претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и вештачката интелигенција – можностите кои ги создаваат и отвораат, но и предизвиците кои стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво, пренесувајќи ја пораката дека малите земји, преку мудрост и искуство, можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени, кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.
Македонија
„По Апасиев и Мециновиќ и Мојсоска си инкасирала пари од партијата додека критикувала за патни трошоци“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Јована Мојсоска по примерот на нејзините сопартијци, Димитар Апасиев и Амар Мециновиќ, инкасирала големи суми на пари од партијата. Додека од граѓаните бараат и собираат донации, врвот на Левица тие пари ги ставал во нивни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мојсоска која не престана да ги напаѓа пратениците за патни трошоци, за четири години од Левица си инкасирала над 600 илјади денари.
Додека во Собрание Мојсоска ги напаѓа и обвинува колегите пратеници зошто законски добиваат патни трошоци, таа од 2021 година до денес, од својата партија зела стотици илјади денари.
Ова лицемерие на Мојсоска и Левица, кога едно зборуваат, а друго прават, е целосно разоткриено и демаскирано.
Народот виде дека додека во јавност продаваат скромност и неподмитливост, зад нивниот грб, со пари на граѓаните, ги полнат сопствените џебови.
Тука се јавуваат и други дилеми, како на пример врз кој основ Мојсоска ги добила овие пари и дали тоа се партиски патни трошоци?
Мојсоска и Левица до толку ли може да бидат лицемерни, од една страна да ги напаѓаат колегите пратеници, а од другата страна, од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?
Левица, Мојсоска и останатите од партискиот врв се прочитани и демаскирани. Народот виде дека се обични профитери загрижени, единствено, за сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.