Топ
Загина 25-годишно момче од Скопје во сообраќајна несреќа кај Катланово
Дваесет и петгодишно момче од Скопје загина во сообраќајна несреќа што се случила на автопатот Скопје – Велес, пред Катланово. Според информациите од МВР, несреќата се случила вчера во 18 и 40 часот кога С.Т. (21) од Скопје изгубил контрола над автомобилот што го управувал, „фиат пунто“, и излетал од патот.
Сопатници во возилото биле М.Т. (25), Ф.Ј. (18) и К.К. (25), сите од Скопје. Според информации од полицијата, со повреди се здобил М.Т., кој бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, но по пат кон болницата им подлегнал на повредите.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил К.К., а со телесни повреди сопатникот Ф.Ј. Полицијата извршила увид, а засега не се познати причините за несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.
Топ
Во сообраќајката на „Водњанска“ во Скопје со повреди завршија седум лица
Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Од МВР денеска излегоа со подетални информации за сообраќајката во која учествувале четири автомобили, од кои два биле паркирани.
„Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил ‘БМВ’ со скопски регистарски ознаки управуван од М.М.(45) од Скопје, автомобил ‘ауди’ со скопски регистарски ознаки управуван од Н.Р.(40) од Скопје, и две паркирани патнички возила ‘голф’ и ‘мерцедес’, двете со скопски регистарски ознаки“, велат од МВР.
Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица, а извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.