Топ
Затаила над 50 милиони денари, ниту пријавувала ниту плаќала данок: кривична за сопственичка од Кавадарци
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Т во својство на сопственик, управител и овластен потписник на Друштвото за производство, трговија и услуги РУЖ ЕКСПОРТ ДООЕЛ КАВАДАРЦИ.
Таа се сомничи за сторено кривично дело Даночно затајување по член 279 став 3, Продолжено кривично дело по член 45 став 1 и став 2 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Пријавената С. Т. во својство на сопственик, управител и овластен потписник на Друштвото за производство, трговија и услуги РУЖ ЕКСПОРТ ДООЕЛ КАВАДАРЦИ, во периодот од 01.01.2013 година до 31.12.2018 година, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист, набавувала трговска стока на отворен пазар од физички лица во готово, набавената трговска стока не ја евидентирала на залиха на ТД Руж Експорт, издала вкупно 2.785 излезни фактури и изјави за потекло на земјоделски производи со потпис и печат, извршила вкупно 2.785 извози на трговска стока во Р.Албанија, Р. Србија, Р. Црна Гора, Р.Косово и Русија преку 14 царински испостави во вкупен износ од 514.031.324 денари за кој износ не пресметала, не пријавила и не платила данок на добивка во износ од 50.854.180 денари на штета на Буџетот .
Со цел да ги прикрие инкриминираните дејствија со кои се стекнала со противправна имотна корист, а да ја избегне законски пропишаната обврска за пресметување и плаќање Данок на добивка, пријавената С. Т. свесно и со намера во име и за сметка на ТД Руж Експорт поднела завршни сметки за 2013, 2014, 2015, и 2016 година до Централен Регистар и до УЈП со невистинита содржина.
Со цел да ги прикрие инкриминираните дејствија со кои се стекнала со противправна имотна корист, а да ја избегне законски пропишаната обврска за пресметување и плаќање Данок на добивка, целокупната книговодствена документација од работењето на ТД Руж Експорт ДООЕЛ свесно и со намера е уништена од страна пријавената С.Т.
Пријавената С.Т. со умисла извршила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности, односно извршила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат остварување на истородни дела.
Пријавената С. Т. свесно и со намера во име и за сметка на ТД Руж Експорт, а со цел да ги прикрие трагите на стореното кривично дело во име и за сметка на ТД Руж Експорт ДООЕЛ не поднела завршни сметки за 2017, 2018 и 2019 година до Централен Регистар и до УЈП и од 27.02.2020 година има статус на ИЗБРИШАН СУБЈЕКТ врз основа на чл.552-а и 552 –б од ЗТД.
Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавената С.Т. преку правниот субјект: „РУЖ ЕКСПОРТ“ се стекнала со противправна имотна корист од затаени парични средства на име данок на добивка во вкупен износ 50.854.180 денари, за кој износ го оштетила Буџетот на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот.
Источен регион – Штип
Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за средување на коритото на Оризарска Река во Чешиново–Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. ЈП „Македонија Пат“ и СВР Штип ги одржуваат патиштата проодни.
Скопски регион
Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.
Југозападен регион – Охрид и Струга
Во Охрид, Кризниот штаб е на терен и ги контролира критичните точки. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај ул. Прилеп, каде се интервенира со багери и се прават насипи. Во селата Орман и Дебелополе реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање. Кај с. Вапила, надојдената вода го подјадува патот под мостот кон селото Ливоишта и ќе се интервенира со механизација. Поплавени се поголем број подрумски простории.
Во Струга се пријавени поплавени дворови во четврти реон на Мислешевски пат, како и повеќе куќи во с. Мислешево и дворови во с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС Струга.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни. Забележани се помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Се спроведуваат повеќекратни теренски контроли во текот на денот.
Кичево
Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Најкритично е кај ул. Прилепска, каде состојбата со 125 поплавени објекти е непроменета. Евакуирани се околу 150 лица и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на насипи, проширување и чистење на речното корито. За евакуираните лица е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.
Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
Југоисточен регион – Струмица
Нема пријави за штети, излевање на реки или одрони. Врнежите се со послаб интензитет и состојбата е стабилна.
Североисточен регион – Куманово
Нема нарушување на редовната состојба. Реките се во коритата, а патиштата се проодни по влажни коловози. Во моментот има врнежи од дожд.
Полошки регион – Тетово
Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електрична енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

