Црна хроника
Зоран Роџер бара помош, исчезнал син му Давид
Скопјанецот Зоран Илиев, познат во јавноста како Зоран Роџер, бара помош за да го пронајде својот син Давид за кого вели дека исчезнал изутринава.
Давид има 28 години, висок е 182 сантиметра, слаб, со кафева коса, облечен во црн капут.
„Случајот е пријавен во полиција, ги молам сите што имаат информација за син ми, да се јават на телефонските броеви 071 229 903 и 075 363 665. Давид исчезна во Скопје, јас сум моментно во Австралија“, вели Илиев во изјава за медиумите.
На социјалната мрежа „Фејсбук“ попладнево се шири апел во кој се бара помош од скопјани за да го пронајдат Давид.
„Исчезнат е синот на Илиев Зоран – Роџер. Зоран и неговото семејство се во Австралија и, за жал, не може ништо да направат од таму! Затоа овој апел е до сите нас од Скопје! Оставете сè и почнете да го барате Давид! Почнете од Вардар, кејот на Вардар околу Аеродром, околните паркови во Аеродром и да го превртиме цело Скопје! Ве молам, ургентно е, можеби од нас зависи сè во моментот!
Дечкото, за жал, бил во депресија последниов период. Исчезнат е од утринава од 10 часот во населбата Аеродром! Пријавено е во полиција, но според законите, полицијата ќе чека да изминат 24 часа! Затоа ќе мора да реагираме сите ние веднаш! Да станеме сите и да ја почнеме потрагата! Му требаме на семејството!
П.С. Не вознемирувајте го семејството непотребно, освен ако немаме сигурна информација, ве молам! Доколку има некое инфо, јавете на 071 229 903 или 075 363 665“, се вели во апелот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Таксист од Скопје побарал мобилен телефон од 26-годишник па му го украл и телефонот и чантата
На 01.02.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, Ф.Ј.(26) од Скопје пријави дека околу 03:00 часот на подрачјето на Центар, едно лице кое управувало такси возило му го побарало мобилниот телефон за да изврши разговор.
Откако момчето му го дало телефонот, таксистот му ја одзел и чантата во која имало документи и други предмети и со возилото го напуштил местото.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Уапсен полицаец од Делчевско: возел без возачка дозвола, одземен е автомобилот
Денеска во 06:45 часот на булеварот „Македонија“ во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода 23-годишниот С.Д. од село Тработивиште, делчевско.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“ со делчевски регистарски ознаки, кое го управувал, при што е констатирано дека го управувал возилото без претходно да се стекне со право на управување возило, односно без возачка дозвола.
Запознаен е јавен обвинител, по чија насока возилото е одземено, а лицето е лишено од слобода. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Автомобил излета од патот Прилеп – Македонски Брод: тешко повредени деца на возраст од седум и девет години
Вчера во 17:11 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на регионалниот пат Прилеп- Македонски Брод, патничко возило „опел” со прилепски регистарски ознаки, управувано од 36-годишната Д.М. од Прилеп, излетало од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајца малолетни сопатници на возраст од седум и девет години, а со телесни повреди се здбил сопатникот И.М. од Прилеп, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

