Топ
Истрага против мајката на 14-месечното бебе кое имаше повреди на черепот
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против мајката на 14-месечното бебе кои имаше повреди на нозете и черепот. Според Обвинителството, мајката го запуштила и малтретирала своето дете. Случајот беше обелоденет во јули годинава кога мајката со своето едногодишно бебе побарала помош во болница во Скопје. Кај бебето биле констатирани тешки телесни повреди. Од страна на Центарот за социјални работи на детето му е одреден привремен старател и тоа е згрижено во Домот за доенчиња во Битола.
Обвинителството соопшти дека постои основано сомнение дека осомничената во периодот од 15.6.2018 до 6.7.2018 година, во повеќе наврати, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување како родител, го запуштила своето дете и како резултат на тоа кај детето жртва настапила тешка телесна повреда, со која бил доведен во опасност неговиот живот.
„Во временски период додека таткото на детето родено во мај 2017 година се наоѓал на издржување казна затвор, мајката не му дала соодветна родителска грижа на детето, повремено го оставала само или го препуштала на грижа на други лица, без притоа да внимава на сигурноста, безбедноста и потребите на детето. Како резултат на тоа, детето добило тешки телесни повреди на телото и главата, со кои бил доведен во опасност неговиот живот и на 7.7.2018 година било примено на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во рамките на предистражната постапка надлежен јавен обвинител сослуша повеќе сведоци и ја испита осомничената. Беше издадена наредба за утврдување на психијатриската состојба на осомниченото лице, како и наредба за вештачење на видот и карактерот на повредите кај детето“, соопшти Обвинителството.
До овој момент не е утврден идентитетот на лицето што директно ги нанело повредите кај детето, но надлежниот јавен обвинител и натаму презема дејства за утврдување на фактите и доколку се утврди кривична одговорност на конкретен сторител, и против него ќе биде поведена постапка.
Полицијата пред 4 месеци поднесе кривична пријава против дваесет 20-годишната К.М. од Скопје поради основи на сомнение дека сторила кривично дело запуштање и малтретирање малолетно лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Тошковски ги покажаа 40 тони запленета марихуана: „Никој не е над законот“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот, Христијан Мицкоски, дадоа изјава пред просториите во МВР во кои се сместени 40 тони запленета марихуана и најавија детална истрага за случајот.
„Денес, заедно со претседателот на владата, со директорот на Бирото за јавна безбедност и остатокот од тимот од МВР, имаме прилика да ги видиме овие 40 тони марихуана запленети во првата фаза од истрагата. Марихуаната е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи, значи незаконски е истата третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена“, рече Тошковски.
Тој кажа дека марихуаната привремено е складирана во простории на МВР со цел да се користи во доказната постапка. Тошковски кажа дека истрагата продолжува.
Мицкоски кажа дека акцијата за заплена има за цел да покаже дека никој не е над законот.
„Ова нешто зад мене е дел од 40 тони марихуана, нешто што претставува резултат на погрешна политика што не сакаме да ја повториме. Очекувам дека денес на владина седница ќе биде донесена одлука да се формира комисија и тим кој ќе ја испита работатата на неколку правни лица и ќе утврди кој работи во согласност со законот, а кои се оние што не работат според законот. Сè што се случи во изминатите неколку дена има за цел да покаже дека нема компромис со неправдата и беззаконието и дека никој не е над законот и дека МВР со сиот капацитет ќе се справи со предизвиците кои ги има“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака дека криминалот не се исплати и дека сите криминалци ќе бидат фатени и жестоко казнети.
„Сакам да испратам порака до сите кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби така било во друго време, но денеска криминалот не се исплати, ќе бидете пронајдени и ке бидете жестоко казнети“, рече Мицкоски.

