Топ
Командир барал 3.000 евра поткуп за војник да биде избран за офицер
Службеник во касарната Тетово преку војничка барал поткуп од кандидат на конкурсот за офицери. Тој требало да му даде три илјади евра за да биде избран како офицер. При предавањето на парите ги фатила полиција, па наместо пари командирот заработи кривична пријава и му се заканува затвор до 10 години.
„Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) денеска (24.06.2023) до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Џ.(46) од Тетово, за сторено кривично дело „примање поткуп“, предвидено и казниво по чл.357 од Кривичниот законик. Имено, вработена како професионален војник во Министерство за одбрана, против која на 19.05.2023 веќе е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „примање поткуп“, по претходен договор за извршување на делото со пријавениот А.Џ., службено лице вработено во Министерство за одбрана – касарна Тетово, од друг вработен во Министерство за одбрана побарала парична награда во износ од 3000 евра, кои требала да му ги предаде на А.Џ.. Паричната награда требало да му помогне на оштетениот да биде избран на конкурс за офицери објавен од страна на Министерството за одбрана, а А.Џ. да изврши службено дејствие што не смее да го изврши. Со вака превземените дејствија пријавниот А.Џ. сторил кривично дело „примање поткуп“, предвидено и казниво по чл.357 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Членот 357 од КЗ вели: Службено лице кое директно или индиректно ќе побара или ќе прими подарок или друга корист или ќе прими ветување за подарок или друга корист за себе или за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши, ќе се казни со затвор од четири до десет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се разгледува можност за евакуација на македонски граѓани од ОАЕ до Саудиска Арабија со автобуси
Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во соработка со властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Кралството Саудиска Арабија, ја разгледува можноста за репатриација и евакуација на македонските граѓани затекнати во овој регион.
Граѓаните, како што е појаснето, ќе бидат евакуирани преку копнена граница кон Кралството Саудиска Арабија, и од таму со авиони кои полетуваат од територијата на Кралството Саудиска Арабија.
„Транспортот од Обединетите Арапски Емирати до Кралството Саудиска Арабија би се одвивал по копнен пат со автобуси и истиот би траел од 13 до 15 часа.
Преку формално барање/Нота од Амбасадата и МНР врз основа на доставен список, властите на Саудиска Арабија би издале хуманитарни визи за македонските граѓани на самиот граничен премин.
Списокот треба да ги содржи следните податоци:
– точни податоци (име и презиме)
– број на патните исправи со датум на важност,
– детали од кој граничен премин ќе влезат
– време и датум на пристигнување. и
– местото на пристигнување и заминување,
Молиме сите македонски граѓани кои се заинтересирани за ова можност да се пријават на дежурниот број на Амбасадата +971 56 441 7532 како и на емаил адресата: [email protected]
Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби“.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели, велат од МНР и апелираат граѓаните да се воздржат од патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.
„Со оглед на очигледните обиди на Иран да таргетира, покрај Израел, и повеќе арапски држави, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар, се апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток“, велат од Министерството.
МНР недвосмислено ги осудува сите напади врз нашите пријатели и партнери, се вели во соопштението. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели, како што се додава, се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност.
„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“, велат од МНР.
Министерството, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, разгледува повеќе можни сценарија за репатриација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.

