Црна хроника
Кривична пријава за двајца државни правобранители на подрачјето на Велес
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против П. Н. (64) од Прилеп, со живеалиште во Скопје, и Б. П. (45) од Велес, двајцата вработени како државни правобранители на подрачјето на Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Првопријавениот П. Н. постапил спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство и не обезбедил согласност – известување од Владата на РС Македонија за натамошно застапување, која бил должен да ја обезбеди во случаите кога, од една страна, ги штити имотните права и интереси на РС Македонија, а од друга, како законски застапник ги штити имотните права и интереси на државните органи. Станува збор за предмет во кој како тужители се јавуваат правниот субјект „Павор“ извоз-увоз, „Орце“ ДООЕЛ Скопје и лицето О. П. од Велес, а како тужена странка во постапката се РС Македонија, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Прилеп и Трговското друштво за вработување инвалидни лица за производство на апарати за домаќинство „Динамо – Хит“ ДОО Велес.
Пред Основниот суд Велес од страна на тужителите бил оспорен записник од втора продажба на имот со јавно наддавање од 5.12.2005, изготвен од страна на првотужениот РСМ – Управата за јавни приходи, според кој „Динамо – Хит“ ДОО Велес купил земјиште со површина од 26.077 м2 на подрачјето на Велес во рамките на извршната постапка за присилна наплата на долг кој произлегува од даночните обврски на должникот „Лозар – Агросервис“ АД Велес бидејќи должникот бил корисник на предметното земјиштето, кое било во сопственост РС Македонија и тоа не може да биде предмет на присилна наплата затоа што во согласност со законските прописи извршување се спроведува само од имот што е во сопственост на должникот. Тужителите исто така го оспориле и неоснованото запишување на горенаведениот имот на име на „Динамо – Хит“ ДОО Велес од страна на Агенцијата за катастар на недвижностите, при што од страна на Основниот суд Велес по изведените докази и утрдувањето на фактичката состојба во постапката била донесена првостепена пресуда од 5.3.2018, со која било констатирано дека предметното земјиште е во сопственост на државата, а не во сопственост на даночниот должник „Лозар – Агросервис“ АД Велес.
Првопријавениот П. Н., наместо да ја прифати пресудата од 5.3.2018 на Основниот суд Велес, со која било утврдено дека земјиштето било и останало во сопственост на РС Македонија, на 22.3.2018 вложил жалба на оваа пресуда, а подоцна на 15.5.2019 и вонреден правен лек – ревизија, а второпријавениот Б. П. на 22.3.2018 година ја потпишал жалбата на пресудата од 5.3.2018 на Основниот суд Велес, без да ги ценат правните интереси на РС Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

